пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Како што се открива од онлајн архивите на светските медиуми, Владимир Владимирович Путин е познат по своето доцнење. Уште во првите години на неговото владеење со Русија, тој почнал да ја практикува оваа своја „навика“ – да ги остави луѓето да чекаат на него. Веројатно, многумина ќе најдат сличности со ликови кои ѝ се познати и на македонската јавност. Но сега тема е Путин…
Така, на средбата со кралицата Елизабета Втора, Путин задоцни „само“ 14 минути во далечната 2003 година. На средбата со Папата Франциск во 2015 година дојде со еден час задоцнување. Поранешниот авторитарен владетел на Украина, Путиновиот штитеник, премиерот Виктор Јануковиќ во една прилика го чекал дури четири часа. На средби со европските лидери Путин редовно доцни околу еден час. Родителите на децата загинати во авионската несреќа во 2002 година го чекаа два часа на гробиштата. Му доцнеше и на Трамп. Поранешниот американски државен секретар Џон Кери во 2012 година, беше принуден да оди на туристичко разгледување на московскиот Црвен плоштад, цели три часа, чекајќи го Путин да се појави на закажаната средба.
Извори блиски до „дворот“ на рускиот диктатор сведочат дека тој и својата сопруга ја терал до солзи уште во времето на нивната романтична врска пред бракот. Еден час и половина доцнење на романтичните состаноци со неговата тогашна девојка, сегашна сопруга, Људмила, биле редовна појава. Често ја оставал да го чека и многу подолго.
Во една прилика изјавил дека „еден час чекање е знак на почит“ или како што би рекле други – „нека чекаат, има и кого да чекаат“.
Од друга страна, познат е фактот дека Путин секогаш доаѓа навреме за неговите телевизиски настапи. Затоа, многумина заклучуваат дека неговото доцнење не е ништо друго освен груб психолошки притисок, лишен од манири, од основна пристојност.
Но што се случи на самитот со американскиот претседател Џо Бајден? Незапаметен досега е случајот Путин да дојде на средба со некој државен лидер пред време. Според извештаите на светските медиуми, на нивниот самит во вилата Ла Гранж близу Женева, за време на самитот Г-7, американскиот претседател дојде точно навреме, но Путин веќе беше таму. Изгледа дека Путин „решил да не ја игра својата вообичаена игра“, како што кажа водителката на Ен-Би-Си.
Кога сме веќе кај средбата која, за првпат, кога Путин е во прашање, почна навреме, да се потсетиме што се случи.
Очекувано, средбата меѓу Бајден и Путин не ги надмина високите тензии меѓу двете земји. Бајден, кој во интервју за Еј-Би-Си, објавено на 17 март годинава, изјави дека Путин „ќе плати за мешањето во американските избори“ и го нарече „убиец“, по средбата со рускиот диктатор не излезе на заедничка прес конференција. Меѓу другото, овој гест може да се протолкува и како порака дека Путин, едноставно, не заслужува да застане до Бајден.
„Го постигнав тоа за што дојдов“, изјави Бајден по средбата, што зазвучи како ехо на неговата изјава кога слета на британско тло пред неколку дена и, пред американските маринци стационирани на карпестите брегови на Корнвел, Англија, изјави: „Ќе се сретнам со Путин за да му го кажам тоа што тој треба да го знае“.
Путин, кој по средбата сам одржа прес конференција, изјави: „Мислам дека во оваа ситуација не може да има било каков облик на семејна доверба. Но мислам дека видовме мала светлина“.
Темите на средбата се веќе познати и ги анализираа и коментираа сите светски медиуми. Бајден и Путин, САД и Русија, останаа со длабоко поделени мислења, ставови и позиции. Бајден му ја соопшти засегнатоста на САД со сајбер нападите на Русија врз американските институции, нешто што Путин го негира. Исклучително важен и голем проблем е и состојбата на човековите права во Русија. На овој силен приговор, Путин прибегна кон познатата КГБ-овска тактика со замена на тезите и избегнување на темата.
Сепак, важно е што Бајден се сретна со Путин. Ако поради ништо друго, барем го научи дека треба да доаѓа на средбите навреме. И да го видиме видно растревожен и загрижен. Не било лесно да се биде во кожата на Путин за време на средбата со Бајден. А тоа е добро за демократијата, како во светот, така и во Русија. Средбата Бајден – Путин е своевиден почеток на расплетот во комплицираните и затегнати односи меѓу САД и Русија, но и на Русија со светот. А што значи „расплет“ во случајот со Владимир Владимирович, не е тешко да се претпостави.