Од двете страни, од нашата земја и од Грција согласно Преспаскиот договор има работи кои се реализирани, но сè уште има работи кои треба да се дефинираат и имплементираат, рече Премиерот Зоран Заев во интервјуто за ТВ21.
-На 5 јули ќе започне издавањето на новите пасоши и документи со името Република Северна Македонија, јас ќе бидам првиот што ќе го земе новиот пасош. Тоа е едно исполнување од нашата страна на членовите на Преспанскиот договор, рече пермиерот Заев.
Тој посочи дека се започнати преговори со федерациите за да се смени името бидејќи треба да се имплементира уставното име на држава, а согласно договорот јасно е утврдено дека секоја институција што ја претставува државата и е финансирана од државата треба да го користи името Северна Македонија.
-Тоа што е важно е дека треба да се знае повеќе не сме ФИРОМ и ги користиме меѓународните кодови МК или МКД и очекувам и грчката страна да ги тргне тие еден или два знаци каде што пишува ФИРОМ. Не е коректно да го пишува тоа име или пак Скопје, треба да го користат името Северна Македонија, рече Заев.
Тој посочи дека очекува и меморундумите во грчкиот парламент да бидат усвоени, особено е важен оној за интеграција на земјава во ЕУ, како и оние за економска соработка.
Претходно и Ципрас истакна дека нема промена на дел од патните табли и се чини дека топката се подава од локалната кон централната власт.
Неодамна, при посетата на Скопје, поранешниот солунски градоначалник Јанис Бутарис нагласи дека дека на ниту еден сообраќајните патокази во околината на неговиот град повеќе не пишува ФИРОМ.





