Твининг – проект финансиран од Европската Унија (ИПА програма 2018) „Подобрување на надворешната ревизија и Парламентарниот надзор“ ќе биде промовиран денеска, онлајн во Европската куќа во Скопје.
Проектот го спроведува Државниот завод за ревизија (ДЗР) на Република Северна Македонија, во соработка со твининг партнери од земји членки на ЕУ – Државниот завод за ревизија на Република Хрватска и Национален завод за ревизија на Република Бугарија. Покрај тоа, Собранието на Република Северна Македонија, се посочува во најавата за настанот, е исто така важен партнер во спроведувањето на проектот.
Главната цел на овој проект е да се подобри ефикасноста и влијанието на надворешната ревизија во земјата и да се подобри соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Парламентот.
Проектот опфаќа понатамошно усогласување на законската рамка и развој на методолошки алатки, како и зајакнување на капацитетите на ДЗР за ефикасно извршување на надворешна ревизија во земјата. Покрај тоа, проектот има за цел да го подобри парламентарниот надзор над јавните средства и да ја подобри соработката помеѓу ДЗР и Парламентот.
Во текот на проектните активности, ќе се организираат обуки за повеќе од 90 учесници, и ќе бидат спроведени голем број на тркалезни маси и работилници. Во здружена работа со експертите од земјите- членки, ревизорите на ДЗР ќе спроведат 15 пилот ревизии во седум области на ревизија, а 45 ревизори од ДЗР ќе стажираат во земјите-членки на ЕУ и ќе бидат организирани 6 студиски патувања во партнерските институции во земјите на ЕУ. Во проектот ќе бидат вклучени повеќе од 40 краткорочни експерти од Р..Хрватска, Р. Бугарија, Р. Естонија , и С.Р. Германија.
Проектот започна на 1 февруари 2021 година, временската рамка за негово спроведувње е 21 месец, а буџетот на проектот е 1,5 милиони евра.





