Британскиот милијардер Ричард Бренсон вчера помина неколку минути во вселенската орбита со леталото на неговата компанија „Вирџин Галактик“, реализирајќи го својот сон и означувајќи го историскиот пресврт во вселенскиот туризам. Бренсон со леталото ВСС Јунити помина неколку минути во вселенската орбита, заедно со двајца пилоти и уште тројца патници, јавува Би-би-си, пренесе МЕТА.
Тие се вратија на Земјината топка околу еден час откако претходно полетаа на пистата од базата „Спејспорт Америка“ во американската сојузна држава Ново Мексико. Бренсон е првиот милијардер кој отпатува во вселената со свое летало и на тој начин ги претрка ривалите Илон Маск и Џеф Безос, кои исто така развиваат свои летала за комерцијални патувања во вселената.
Бренсон по остварениот лет рече дека сонувал за овој момент откога бил дете, додавајќи дека целокупниот лет бил магичен и дека ништо не може да те подготви за погледот на Земјината топка од вселената.
Инаку, намерата на Ричард Бренсон не завршува со вчерашниот лет. Идејата му е да воведе комерцијални летови кон вселената, за што околу 600 физички лица веќе ги уплатиле нивните депозити за планираното патување. Цената на билетот за пат до вселената во некои случаи се очекува да се искачи до 250.000 долари.
Целото видео може да го погледнете ТУКА.