Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска излезе со изјава преку која соопшти дека ресорното министерство и генерално, здравствените власти, размислуваат за воведување на одредени нови рестриктивни мерки како начин за сузбивање на ковид-19 пандемијата. Имено, разликата помеѓу мерките за кои се размислува и оние кои до сега постоеја и постојат е во тоа што ќе се направи обид преку овие мерки, директно или индиректно, да се стимулира забрзана имунизација на населението.
Состојбата во државата е таква, што, бројката на обезбедени вакцини е солидна, бројката на целосно вакцинирани граѓани, како и на граѓани со примена прва доза вакцина е, исто така пристојна, но она што загрижува е можното исцрпување на интересот кај нашите сограѓани за имунизација и своевиден застој.
Поседувањето на т.н. вакцинален сертификат со кој се потврдуваат двојните дози на примена вакцина, во најава, станува „пропусница“ за влез на групни настани на затворено и други масовни настани. Волјата за сопствена имунизација е доброволна, таква била и таква ќе остане. Но, она со кое што светот се соочува, со можно продолжување на пандемијата после летото, кога веќе и после 17-18 месеци континуирана пандемија, граѓаните би требале да се соочат со нов локдаун, карантин, полициски час и слично, нè доведува до фактот дека нови и вонредни мерки навистина ќе бидат потребни.
Грижата за своето здравје е индивидуална обврска, но истовремено постои и нешто што се именува како колективно здравје и живот во општествена заедница. Дополнително, основната максима кај човековите права е дека секое право и секоја слобода некому завршува онаму кадешто започнува правото и слободата на некој друг. Со други зборови, одбивањето на одредени граѓани да се имунизираат, несомнено, ќе биде со влијание и врз правата и слободите, меѓу кои и слободата на движење, на останатите граѓани.
Оттука, она по што посегнуваат некои од ЕУ земјите, како соседната Грција и подалечната Франција – задолжително вакцинирање на медицинските работници, но и најава за ригорозни мерки кои би важеле само за оние невакцинираните граѓани, најверојатно, ќе биде и идното македонско сценарио за справување со ковид кризата. Следствено, очекувано и можно е вакви непопуларни мерки да следуваат и кај нас, започнувајќи од месеците септември и октомври, кога следува периодот кој се покажа како поопасен кога вирусот е во прашање.
Да не заборавиме, речиси и да не постои медицинско лице, односно стручњак кој својата професионална наобразба ја изградил во медицината, кој вели дека не постои посоодветен начин од ставање под контрола на пандемијата од вакцините. Затоа, да дискутираме, да анализираме, критички да размислуваме, но и да ги послушаме оние најупатените – да ги посетиме вакциналните пунктови и да ја исполниме својата граѓанска и морална должност.
Во моментите кога државата потфрли околу вакцинацијата, во однос на релативно задоцнетото обезбедување на истите, со право, повеќето од нас знаевме да замериме за одредени државни чекори во здравството. Меѓутоа, сега кога масовната имунизација е во полн ек, започната е дури и теренската вакцинација во повеќето од руралните населени места, она што продолжува да биде важно е подвлекувањето на потребата да бидеме одговорно и проактивно граѓанство – да се вакцинираме, ако веќе досега не сме го сториле тоа, но и да ги поттикнеме нашите најблиски, некои и антиваксери, да го направат истото.
Иван Дургутов