Најлутите политички противници застанаа зад исто ветување – пари назад кон граѓаните. Она што беше водечка идеја од областа на економијата во програмата на социјалдемократите „За живот за сите“, сега на партиската трибина „Македонија за сите луѓе“ ја вети и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Сепак, од неговото обраќање, може да се заклучи дека тој парите би ги враќал кон граѓаните на начин од кој директен бенефит нема да се почувствува, туку тие би се дистрибуирале назад преку, како што ветува Мицкоски, проекти кои би го подобрувале животниот стандард.
„Ги намалуваме трошоците за поголем семеен буџет“, гласеше поглавјето од програмата на СДСМ, во кое беа наведени враќањето на ДДВ, фер даноци, намалување на јавните давачки, укинување на радиодифузната такса, враќање на евтината тарифа на струјата и друго. Четири години подоцна премиерот Зоран Заев се пофали дека годишно се враќаат по 800 милиони евра назад кон граѓаните.
„Парите по сите основи се враќаат назад кон граѓаните. Годишно враќаме во просек по околу 800 милиони евра, тоа се 3,2 милијарди за четири години. Пари што претходно се трошеа за споменици, музеи, во Белизе. Денес тие пари се враќаат кон граѓаните и продолжуваме да ја јакнеме економијата“ – изјави премиерот Зоран Заев неодамна.
Од друга страна, пак, Мицкоски, копирајќи ја идејата, се обиде да ја модификува и сега најавува поевтина електрична енергија, почист воздух и враќање назад на парите кај граѓаните преку вложување по десет милиони евра годишно во образованието, во културата, во спортот, што, всушност, би значело дека тоа се само околу четириесет милиони евра годишно за нови проекти.
Во меѓувреме, официјалните податоци од институциите ги потврдуваат информациите за сумата на вратени пари кон граѓаните од изминатиов период, па така, преку една од најуспешните мерки на власта, за поврат на ДДВ, назад директно се слеале 36 милиони евра и тоа кај 400 илјади корисници. Исто така, минималната плата за само четири години, од нешто помалку од девет илјади денари порасна на 15.200 денари, а просечната плата е зголемена за дури шест илјади денари, додека пак социјалната помош е покачена за 300%.
„Да потсетиме, првите соработници на Мицкоски се противеа на зголемувањето на минималната плата. Покачени се платите во сите сектори, во здравство, во образование, полиција, во армијата, во социјалната и детска заштита. Пензиите во просек се зголемени за 2.000 денари за четири години. ВМРО-ДПМНЕ како власт не ги исплаќаше законските усогласувања, а како опозиција се противеше на зголемувањето на пензиите“ – обвини партискиот портпарол Костадин Костадинов.
Особено во период кога светот се соочува со кризата предизвикана од корона вирусот, а со цел да не се почувствуваат последици по џебот на граѓаните, владата креираше шест пакети мерки за спас на работните места, за враќање на парите кај граѓаните во вкупна вредност од 1,6 милијарди евра.
Преку мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, со 79,5 милиони евра поддржани се околу 120.000 вработени граѓани и околу 20.000 компании, а финансиска поддршка добија и близу 6.000 самостојни вршители на дејности. Дополнително, 26,8 милиони евра завршија кај 309.000 граѓани кои добија платежни картички преку мерката „Купувам домашно“, од кои 16,5 милиони евра беа наменети за 113.000 невработени граѓани и за приматели на социјална помош, 5,4 милиони евра за 111.000 вработени граѓани со ниски примања, над четири милиони евра за 81.000 млади граѓани, како и преку 900.000 евра за 4.000 здравствени работници.
Преку пакетот економски мерки вратени се и 470 милиони евра за обезбедување одржливост на домашните економски дејности и на работните места, закрепнување на одредени дејности, стабилност на социјалните трансфери и поттик на јавната потрошувачка. Односно, освен директната парична помош која економски ги крепи бизнисите и граѓаните за време на пандемијата, секаде присуствува и нишка на развојна компонента која ќе го турка нагоре економскиот раст.
За разлика од сфаќањето на социјалдемократите за тоа што значи „враќање пари назад кон граѓаните“, Мицкоски ветува десет милиони евра за реконструкции на училишта, реконструкции на игралишта, обнова на помагалата во училиштата, како и дополнителни средства кои ќе бидат наменети за инвестиции во културата, во спортот – вкупно 40 милиони евра во еден мандат.
„Парите назад кај граѓаните е концепт кој е тотално непознат за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Ако Мицкоски навистина сака да ги враќа парите кај граѓаните, воопшто нека не чека, нека почне во сопствената партија, преку враќање на парите што Груевски ги земал од членарините за да купува плацови на Водно. ВМРО-ДПМНЕ веднаш да ги врати милионите за кои се обвинети функционери на партијата и за кои дел веќе има пресуди. Мицкоски веднаш со Груевски да ги врати од Белизе парите кај граѓаните. Граѓаните гледаат кој враќа пари назад, а кој граба и краде за да поставува споменици, палми и лажен барок за милионски провизии“ – истакна Костадинов.
Безидејноста во економската понуда на опозицијата дополнително се забележува со останатите ветувања на ВМРО-ДПМНЕ кои по многу параметри потсетуваат на најавите на Заев од пред четири години. Додека лидерот на партијата најавува како ќе управува со средствата од државниот буџет ВМРО-ДПМНЕ останува партија со долг од осум милиони евра, а за време на владеењето на Никола Груевски надворешниот долг на државава се зголеми над пет милијарди евра, од 2,5 милијарди евра во 2006 година на 7,7 милијарди евра во првиот квартал од 2017 година.
подготви: Тим Фронтлајн