СДСМ најостро ги осудува протестите, пораките, говорот на омраза, навредите кон докторите, медицинскиот персонал, но и новинарите и адвокатите на протестите во неделата. Докторите и медицинскиот персонал се нашите херои кои заслужуваат длабока почит и благодарност, бидејќи тие неуморно се на првите линии во одбрана од корона вирусот. Правото на протест е уставно загарантирано, но исто такво е и правото на здравје, соопштуваат од владеачката партија.
„Пораките од протестите, иконографијата идентична со опозициските митинзи, нападите против актуелни министри, покажуваат дека зад овие протести стојат ВМРО-ДПМНЕ и Левица,помогнати од движењето Бојкотирам.
Токму ВМРО-ДПМНЕ и Левица силно се спротивставуваа на новите мерки за заштита на здравјето и за цело време од пандемијата дејствуваат спротивно од препораките, отворено поттикнувајќи непочитување на мерките.
Дезинформациите и деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои одвраќаат од вакцинација се на директна штета на сопственото, но и колективното здравје.
Пораките, нападите од срамниот протест се директно загрозување на здравјето на граѓаните во време кога сите напори се насочени кон што поголем опфат на вакцинација“, пишува во партиското соопштение.
Според СДСМ, масовната вакцинација е единствениот начин да се заштитиме себеси и оние околу нас и ги повикуваат граѓаните кои досега не се вакцинирале, да го сторат тоа што поскоро.
„Недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините е фактот што дури 90% од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните.
Од исклучителна важност е и почитувањето на новите мерки за заштита на здравјето.
Во многу држави се бара ковид сертификат за влез во различни објекти и на настани и тоа не е дискриминација, туку одговорност и заштита на колективното здравје“, се вели во реакцијата.
Оттаму порачуваат сите граѓани да бидат одговорни кон себе и кон другите и сите да придонесеме во борбата која е заедничка за целиот свет.