Засилувањето на новиот бран не ја менува одлуката на Владата, учебната година да почне од 1 септември со физичко присуство на учениците. Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера потенцираше дека највисок интерес на учениците е да бидат во училиште.
-Ние сега како земја се обидуваме да воспоставиме таков систем, по протоколи. Секако дека здравствената состојба на национално ниво или регионално ниво, општинско се менува и здравствената комисија ќе дава поинакви инструкции и ние како Министерство за образование и наука доследно ќе ги почитуваме нивните препораки, како досега така и од сега, нагласи Царовска.
УНИЦЕФ вчера ја поздрави одлуката на Владата за отворање на училиштата со физичко присуство за сите ученици од 1 септември.
Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во изјава за медиумите ја охрабри ваквата одлука на Владата и истакна дека ризикот од пренос на Ковид-19 во училиштата може да се контролира со засилени превентивни мерки и навремено откривање и изолација на случаите и на нивните контакти.
 
			

 




 
 
