ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

Локални избори: Што ќе одлучи, „националните“ теми и валканата пропаганда, или конкретната локална понуда?

September 5, 2021 21:17
in ДЕНЕС, ИЗБОРИ, ПОЛИТИКА, ФРОНТ

пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

Иако овие избори би требало да бидат судир на концепти и идеи за локални прашања што најдиректно ги засегаат граѓаните и квалитетот на нивниот живот во непосреднатa околина, веќе се гледа од настапите на дел од политичките актери, но и од медиумските наративи, дека неколку крупни „национални прашања“ повторно ќе ја доминираат изборната реторика.

Во дигиталната ера, време кога политичките актери се во перманентна кампања а не само за време на изборите, тешко ќе биде и локалните избори да се одвојат од дебатите за жешките национални, па и светски прашања.

Договорот од Преспа, ветото од Бугарија, пописот, меѓуетничките бројки и односи итн, КОВИД-пандемијата, поларизацијата по однос на вакцинирањето, состојбата во Авганистан и бегалците… Овие теми, некои од нив актуелни со децении, се чини дека ќе доминираат, особено во меѓусебните напади на партиските пропаганди.

Пред сè и над сè, тука е сè уште „прашањето на името“, и живата дебата (и пропаганда) за она што се случи во 2018 година со Преспанскиот договор, Референдумот и уставните измени, со кои беше решен тридеценискиот спор со Грција, а Северна Македонија влезе во глобално најмоќниот воено-политички сојуз НАТО.

Ќе се дебатира и за односите со Бугарија. На патот кон ЕУ по Преспа, ситуацијата сега е поинаква но не многу подобра – има формална одлука на ЕУ,  но нема датум за старт на преговорите поради нова пречка – ветото од Бугарија, иако, пред 4 години, и двете држави потпишаа меѓудржавен договор за пријателство, добрососедство и соработка.

Овие прашања, освен во контекст на успесите што ги признава цела меѓународна заедница и зад кои стои мнозинство од гласачите во земјава, и понатаму ќе се врамуваат негативно, доминантно во „идентитетската“ димензија, и ќе служат за создавање на поларизација меѓу граѓаните преку жестока медиумска пропаганда.

На нив, ќе се надоврзат и други долгогодишни етнички теми, кои исто така создаваат делби и конфронтации во општеството, пред се меѓу Македонците и Албанците. Интересното и новото во тоа е дека, овој пат, за првпат копјата ќе ги вкрстат две целосни мултиетнички коалиции.

Тоа можеби ќе го испразни „етничкиот“ набој. Или пак, што е далеку поверојатно, етноцентризмот ќе се користи активно и масовно и во кампањата, особено од оние што се, и по 20 години, против Рамковниот договор и решенијата кои доведоа до поголема рамноправност меѓу припадниците на помалкубројните народи во земјава со македонскиот народ.

Пописот, две децении стара болка на македонското општество и институции, којшто очигледно ќе се етнизира, политизира и бојкотира од некои радикални политички структури, ќе биде исто една од доминантните теми и во изборната битка меѓу партиите, и на терен, но и во медиумите и на социјалните мрежи. Тоа ќе биде така не само поради временската блискост на пописот и изборниот процес, туку и затоа што бројките на Македонците и Албанците, а и колективните права кои пропагандата погрешно ги врзува со пописот, се „евергрин тема“ во македонското општество, со децении.

Оттука, стои фактот дека присуството на две големи комплетно мултиетнички коалиции во изборниот натпревар би можел да придонесе дел од „националните“ теми да изгубат на „експлозивност“, но можеби тоа ѓе биде благ ефект, само меѓу овие две коалиции, и тоа не во сите случаи – нападите меѓу нив за тоа кој е „патриот“ а кој „предавник“ продолжуваат и ќе продолжат.

Притоа, да не заборавиме дека некои помаргинални но радикални политички актери таа комуникација и тие теми ги сметаат за дел од нивните најважни стратешки комуникациски правци, преку кои мобилизираат гласачи, претежно од радикалниот десен кампус. Тие ќе бидат тука задолжени за да го одржуваат полнењето и огнот на меѓуетничките и внатреетничките поделби, надевајќи се дека од тоа ќе остварат политички ќар.

Од друга страна, има мобилизација и во полибералниот дел од општеството. Големата бројка независни листи и кандидати влева дополнителна надеж за промена на јавниот дискурс во полза на решавање на конкретните, локални проблеми, иако проценките велат дека натпреварувачите од помалите коалиции и независни листи во изборната трка немаат многу што да бараат во судирот на двете големи коалиции, иако, има места каде може (не)пријатно да ги изненадат „големите“.

Сета оваа јавна дебата, големата присутност и доминација на овие теми, секако дека ќе влијае при носењето на одлуките на граѓаните. Дали влијанието ќе биде пресудно, или пак ќе одлучат резултатите и понудата за решавање на локалните проблеми, ќе се види на изборите за нешто повеќе од месец дена. Ќе биде тоа уште еден тежок тест – за зрелоста на гласачите.


Текстот е личен став на авторот.
Next Post

Почнува дводневната меѓународна конференција „Економско заздравување и раст по Ковид“

НАЈНОВО

Фото: Скриншот

ФФМ и ФК Брегалница го осудија инцидентот во Штип

August 24, 2025
Фото: Цивил Медиа

Амбасадорката Дир: Поддршката од партнерите ни овозможува да му се спротивставиме на рускиот агресор

August 24, 2025

Мицкоски: Она што го направи ВМРО-ДПМНЕ овие два дена е новитет на политичката сцена во Македонија, за Скопје се приоритетни три столба

August 24, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Скопје стана Кијив на еден ден – Украина ја одбележа независноста

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Тежок инцидент во Штип: Тепачка на натпреварот на младите категории на Брагалница и Шкупи, две деца повредени

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Костова до Тошковски за инцидентот во Штип: Децата ни ги сокршија од ќотек додека тераш кампања на Орце

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Да ги освестиме придобивките од ЕУ за да знаеме зошто сме против!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Амбасадорката Дир: Поддршката од партнерите ни овозможува да му се спротивставиме на рускиот агресор

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk