„ВМРО-ДПМНЕ е за членство во НАТО, било од основањето до денес и сметаме дека е добро државата да стане членка на НАТО. Но, во исто време ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа Преспанскиот договор, начинот на којшто беше преговаран, начинот на којшто беше потпишан и неговата имплементација потоа, сметаме дека е лош и капитулански договор и ние позади таа позиција стоиме. Така што, го одвојувам едното од другото. Едно е да зборуваме да се преименува армијата од Армија на Република Македонија во нешто друго, а друго е дали државата да стане членка на НАТО. Апсолутно треба да стане членка на НАТО“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во вечерашното издание на 360 степени.
Николоски вели дека нашата држава се соочува со штетата од договорот потпишан од Зоран Заев и Никола Димитров, но дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ги ублажи последиците.
„Има два начини да се направи тоа, првото е да освоиме двотретинско мнозинство за да можеме да пристапиме кон промена на Уставот и да го вратиме старото име. Доколку граѓаните не ни дадат толкава поддршка, треба да направиме една брза серија на реформи, да ја ставиме Македонија на брза трака, да пробаме во скоро време да станеме членка на Европската Унија и кога ќе сме на иста маса со Грција, да пробаме да ги менуваме работите“, изјави Николоски.
Тој вели дека не е спорно тоа дека требало да се направи договор, но не може поради тоа да се оправда лош договор.