Претпладнево во пристанишниот град Драч, кој беше едно од најпогодените подрачја од разорниот земјотрес што Албанија ја погоди утрото на 26 ноември, престојуваат премиерот Зоран Заев, српскиот и црногорскот претседател, Алекдандар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ и нивниот домаќин, премиерот Еди Рама.
Нивната посета на Драч е со цел одблиску да се запознаат со состојбата по земјотресот. Посебно се задржаа во комплексот каде има 185 станови а кои поради големите оштетувања се невселливи.
Како израз на солидарноста со граѓаните на Албанија, и во знак на поддршка и духовна поткрепа на жителите на градовите и другите населени места што настрадаа од земјотресот на 26 ноември, заедно со премиерот на Албанија и другите лидери присутни на состанокот во Тирана, утринава го посетивме Драч, напиша премиерот Заев.
Тој истакна дека се сретнале со дел од семејствата што сега ги обновуваат своите домови од трагичната катастрофа, и нагласи дека ја потврдиле подготвеност да продолжат со натамошната поддршка и помош во периодот на закрепнување од последиците од земјотресот.
По Драч, лидерите се враќаат во Тирана, каде во хотелот Рогнер во Тирана ќе го одржат третиот состанокот на иницијативата „Мини Шенген“ која има за цел интензивирање на регионална соработка и подобрување на животот на граѓаните. На состанокот најавено е присуство и на претставник на амерканскиот Стејт департмент.
Првиот состанок беше одржан во Нови Сад, вториот во Охрид, додека следниот најавено е дека ќе биде во Белград.