пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Бев денес на панел дискусијата „Жртвите на режимот“, каде говореа Велија Рамковски, Лидија Лазова, Павле Богоевски, Ване Цветанов, Томче Кежаровски и Љубе Бошковски.
Сакав да ви раскажам како на Велија цели 28 месеци дури го држеле во притвор, му го темпирале времето за прошетка, така што никако да не може да ја види својата ќерка Емел, која исто така беше во притвор. Можете ли да замислите која била таа затворска посветеност да го прави тоа секој ден, цели две и кусур години.
Сакав да ви раскажам како Лазова паднала од изнемоштеност и си го скршила колкот. Не можеле да и стават инфузија од што била слаба. Откако ја оперирали и ѝ ставиле 4 штрафа во колкот, ја чувале двајца стражари за да не побегне, а таа не можела ни да мрдне од постела.
Сакав да ви раскажам и за тоа како Томче се качувал на горниот кревет секој оној единствен час од денот кога единствено тогаш се пробивале зраците на сонцето во ќелијата, за да може да прочита некој ред од книга. За штрајкот со глад, за малтретирањата на сопругата Марина и ќеркичката кога го апселе…
Ако речам дека најмногу ме погоди сведоштвото за голготата на Томче, ќе излажам. Ако речам дека најмногу ме трогнаа солзите на Лазова цело време дури раскажуваше низ што сè поминала во затворите, пак ќе излажам. Ако ме испотресе присебноста на Павле, Ване и Емел, откако сите ги слушнавме затворски тортури низ кои поминале Лазова, Велија и Томче, пак нема ништо да кажам.
Имаше една мачна тишина за цело време. За сите три и пол, а можеби и повеќе часа дури ги слушавме сведоштвата на жртвите од Груевизмот, имаше еден таков молк што ја параше тишината од кој нормален човек не може да се ослободи туку-така, а пак да остане нормален.
Дури и пишував на Ивана од мобилниот за сведоштвото на Лазова, за да пренесе што се случува, ми се тресеа рацете. Којзнае дали нешто правилно погодив.
Ми трепереше срцето, од јад. Не, ми трепереше од немоќ. Не, ми трепереше од револт. Не, ми трепереше од…
Ми трепереа срцето и рацете од лузните на вистинските жртви на режимот – од оние што скапуваа по затворите, што беа тепани, врз кои се изживувале. До денес, мислев дека и јас сум жртва на режимот. Навистина, мислев дека оние физички закани и оние подметнувања, тие секојдневни инспекции, тоа што пркосев и психичките малтретирања, секојдневните онлајн закан мислев дека ме прават жртва. Мислев дека сето тоа и мене ми дава за право да се чувствувам повредено, но кога ја погледнав оваа димензија, кога ги сетив како стигма лузните на овие луѓе и кога ќе го слушнеш ужасот на Груевизмот директно гледајќи ги во очи жртвите на тортурата на Груевизмот, се скрши нешто многу повеќе од сите мои дотогаш глаголења.
Јас повеќе немам право да се чувствувам така.
Знаете ли колку ние малку знаеме за жртвите на режимот? Ние многу малку вистински ги препознаваме вистинските жртви што на гола кожа го почувствувале режимот. Во публиката беше и Емел Рамковска која рече дека мора да бидиме трпеливи и дека за три години не може да се победи Груевизмот. Еј, Емел која како млада мајка лежеше во Шутка во монтиран случај, вели дека мора да бидеме трпеливи ако сакаме да победиме. Кога Емел може да го каже тоа, со кое бе право јас сум нестрплив?! До неа беше и Дарко Перушески, кој иако не проговори му ги слушнав сите зборови. Го видов тоа и во несудениот полициски генерал и во осудениот од Змиско око. Ние не знаеми ни точно по име ни точно по број колку такви монтирани случаи имаше во време на режимот. Нам случајот Ликвидација, Калдрма и десетици ако не и стотици такви монтировки ни се само имиња и бројки, на кои мачно и со гнев се сеќаваме, но на тие/овие луѓе тоа им се загубени години, изгубени радости, загубени надежи, изгубени животи.
Во сите присутни и на нас од публиката лебдеше тоа чувство на огорченост во салата од хотелот Континетал повеќе од три часа. Се вгнезди уште повеќе тоа чувство на огорченост уште подлабоко во мојата меморија за цел живот. Не смееме да заборавиме си велев во сеебе, а како да ме слушна што мислам повтори на глас господинот што седеше отспротива.
Кај сите до еден и кај панелистите и кај тие што биле жртви а коментираа од публиката, провејуваше едно еиднствено нешто:
– Тие луѓе бараат ПРАВДА!
Тие луѓе бараа да се каже дека лежеле во затвор за нешто за што не се виновни, бараат (како што рече Томче) да им остават чист тестамент на своите деца, дека нивните татковци и мајки не се криминалци, иако лежеле во затвор!
Погледнете го Панелот, уствари не знам дали искрено ви препорачувам да го погледнете.
Три часа емоции кои се за прераскажување за цел живот.
Еден човек влегов, друг човек излегов.