Претставата „Соѕвездија“ утре со почеток во 20 часот премиерно ќе биде изведена на сцената на Националната установа Центар за култура „ Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Претставата се заснова на изборот на одлуки што го дефинираат правецот на нашиот живот, за слободната волја, за улогите на случајноста и неочекуваните ситуации што ни ги носи животот, за загубата и разделбата од најблиските.
Станува збор за најново остварување на режисерката Нела Витошевиќ, а според текст на Ник Пејн.
-Една голема благодарност до целата екипа која работеше заедно со мене на овој проект, мислам дека имавме неверојатен спој од самиот почеток и работевме многу ефективно. Многу сме задоволни од целиот продукт на крај на кој работевме заедно и со нетрпение чекаме да излеземе пред публиката за да ја видат претставата. „Соѕвездија“ е многу познат текст наградуван на Бродвеј и претставуван на лондонскиот театар според текстот на Ник Пејн- изјави режисерката Витошевиќ.
Во претставата играат 6 млади реномирани актерски лица, познати на македонска и кумановската актерска сцена.
– Во претставата се работи за една љубовна приказна, при кој се следи животот на еден ист пар, од нивното запознавање до нивната разделба и смрт, односно до крајот на животот. Интересен факт за оваа претстава е што целата приказна се случува во паралелни универзуми, една приказна следена од различни универзуми. Актерите имаат тешка задача да менуваат расположенија од сцена во сцена, претставата е многу брза и лесна за следење за сите генерации на гледачи- рече режисерката.
Актерската екипа ја сочинуваат Александра Пешевска, Мирослав Петковиќ, Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Владанка Крстевски и Давид Илиќ
– Голема беше честа да се работи со Нела на целиот овој проект од почеток до крај, влеговме целосно и се пуштивме по тој тобоган и дозволивме да го почувствуваме текстот и дури дозволивме текстот да не промени. Самиот текст отвара многу прашања кои што ги одговаравме, а некои останаа во нас и тоа е наша лична борба и се надевам дека публиката навистина ќе ужива гледајќи ја оваа претстава- објасни актерката Владанка Крстевски.
Асистент на режија е Драгана Гунин, сценографијата е на Васил Христов, музиката е на Огнен Анастасовски, костимите се на Розе Трајческа.
При изведување на претставата ќе бидат запазени сите важечки протоколи за заштита од коронавирусот кои се однесуваат на затворен простор.