Во Северна Македонија вчеравечер пристигнаа вкупно 51.480 „Фајзер-Бионтек“ вакцини, донација од соседна Република Бугарија.
По пристигнувањето, 30.000 дози беа веднаш дистрибуирани до вакциналните пунктови низ земјата.
Министерството за здравство информира дека иако рокот на важност на вакцините е до 30 септември, со дневната динамика на вакцинација тие веднаш ќе бидат употребени пред истекување на рокот.
– Благодарност до Владата на Република Бугарија за оваа донација, која претставува гест на солидарност и уште една потврда за успешната соработка меѓу институциите на двете земји во справување со Ковид-кризата, велат од Министерството.
Вакцините на „Фајзер-Бионтек“ се препорачуваат за имунизација на лица над 12 години.
Министерството за здравство апелира оти вакцините се безбедни и ефикасни и само со целосна вакцинација се намалува шансата од заболување, се спречува тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход.
извор: МИА