Нашата земја во периодот кога се осамостојуваше за среќа помина без оружени конфликти, а моето лично мислење за рефередумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања, истакна премиерот Зоран Заев на трибината „Патот до независноста“ што на негова иницијатива денеска се одржа во Владата по повод 30-годишнината од независноста.
На трибината, на која учествуваат и дел од директните учесници во политичките случувања од тоа време, Заев рече дека во тој турбулентен период на глобалната и регионалната политичка сцена, било очекувано настаните да бидат проследени со немири и вооружени конфликти, но оти во земјава таквите воени судири биле избегнати.
– Тие години во нашата земја се тесно поврзани со глобалната и регионалната политичка сцена од крајот на крајот на 80-тите како на пример падот на Железната завеса и распадот на Југославенската Федерација. Во такви околности сосема е очекувано настаните да бидат проследени со сериозни тенденции за турбулентен развој на процесите и настаните, па дури и со немири и оружени конфликти. За среќа, нашата земја во тој период помина без оружени конфликти. Секако, се уште жалиме за младите луѓе кои во тие години ги загубија животите во униформите на ЈНА, истакна Заев.
Во однос на референдумското прашање кое гласеше – Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз со суверени држави на Југославија, Заев рече дека тоа било израз на политичките односи во тоа време и компромис меѓу македонските политички партии после долги и жолчни дебати, но не и консензус меѓу заедниците.
– Најголемата заедница после македонската, албанската тогаш инсистираше на реферндумско прашање кое повеќе ќе ги дефинира внатрешните односи помеѓу заедниците во државата отколку односите со остатокот од Југославија. Рефрендумското прашање особено во вториот дел превираше и меѓу Македонците во поголем дел на национално обоените политички партии и кај граѓаните блиски до нив. Тогаш голем дел од граѓаните гледаа скриена стапица дека државата ќе се врати повторно во нешто што ќе остане од Југославија. Мојата лична опсервација на овие контраверзии на референдумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања кои беа врвен приоритет и на претседателот Киро Глигоров кој беше свесен за пресудната улога на меѓуетничкиот соживот, како и зачувување на мирот во земјата, истакна Заев.
На една таква претпазливост, како што посочи, повикувале искуствата од сите поранешни југословенски републики кои прогласувале независност и се соочиле со воени дејствија.
Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски истакна дека е важно секоја држава да има архива и таа да не биде интерпретација само на современицит, па оттаму е важна оваа трибина.
-Стекнувањето независност на Македонија е една историска случка која не се повторува, таму се поставени корени од каде се уште се влечат политиките. Одговорноста е огромна на политичките елити во таков период на промена. Тежината на одлуките имаа посебна важност. Ако ја утнете работата и тргнете со национализам секако ќе дојде до конфликт. Бевме сами долг период, без разлика што имавме стратешки паратнер што не поддржуваше. Како земја на раскрсница или ќе ја контролираме државата или ќе не поделат. Во околности, без армија, со пет илјади луѓе со оружје и со отворени прашања со сите соседи, странците се чудеа што војна во Македонија не изби, кажа Фрчкоски, нагласувајќи дека суштествен дел на процесот е инклузијата, особено со Албанците.
Тој напомена дека најголема опасност за нас бил режимот на Милошевиќ и Србија била и последната држава што ја признала нашата независност.
-Борбата на идентитетските прашања на Македонија се одвиваше и со Грција и Бугарија. Единствената граница отворена тогаш ни беше со Бугарија, тие ни помогнаа суштествено со тој гест на владата на Желев. Сепак судирот на идентитетските прашања се решава дури сега, со Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство, изјави Фрчкоски.
Првиот претседател на првиот македонски Парламент Стојан Андов, говорејќи на дебатата истакна дека таа наша историја на независна држава од 91-ва, почнува со првата седница на Собранието со која претседавал најстариот пратеник Никола Стојановски.
– Седницата заврши со мој избор на претседател на Собранието. Таа вечер стигна материјал од претседателсвото на СФРЈ и добив покана да ја преставувам новата власт во Македонија. И другиот ден одржавме седница посветена на тоа барање. Тогаш Милан Кучан побара претседателството веќе да не го има врз СФРЈ туку да се пренесе кај републиките. Сите се согласивме со тоа, но изби некој спор меѓу Туѓман и Милошевиќ, рече Андов.
Тој потсети дека на 25 јануари била донесена Декларацијата за сувереност на Македонија и е првиот акт за прогласување независност на Македонија.
Д. Е.