УК за Детска хирургија во Скопје, до Центарот за социјални грижи и до СВР Скопје пријави случај за две годишно дете, со долга историја на болести, кое од страна на згрижувачко семејство во тешка состојба било донесено на Клиниката, каде и покрај напорите на лекарите да го спасат, починало, информираат од Министерството за здравство.
Станува збор за дете кое имало неколку тешки заболувања, пред една година, а врз малиот пациент биле направени повеќе операции. Детето имало тумор на мозок, хидроцефулус, вродена непроодност на цревата за што се направени повеќе хируршки интервенции. Детето имало и проблеми со срцевиот ритам, застој во растот, проблеми со дишењето.
Како што информираат од МЗ, пред пет дена детето 15 минути пред полноќ изгладнето и дехидрирано било донесено на Клиниката за детска хирургија.
Од згрижувачкото семејство на лекарите и медицинскиот персонал не им биле дадени никакви информации за здравствената состојба на детето. Немало температура но било малаксано, дехидрирано и слабо реагирало на дразби. Поради критичната состојба, лекарите веднаш пристапиле кон интензивно лекување. Лабораториските анализи покажале анемија и влошени параметри како последица на болестите кои ги имало. И покрај сета дадена терапија, состојбата на детето се влошувала.
Поради ковид протоколите, на малиот пациент му бил направен ковид тест и истиот бил позитивен. Министерството за здравство информира дека во денешната статистика на Институтот за јавно здравје ќе биде заведено две годишното дете кое почина на Клиниката за детска хирургија во Скопје, стои во соопштението на Министерството за здравство.