Некој повешто, а некој помалку вешто, некој со повеќе, а некој со помалку ресурси, но речиси сите партии, а и независните кандидати и листи, консензуално ги „заобиколуваа“ одредбите на Изборниот законик за промотивни активности во предизборието. Учесниците во изборната кампања главно ја почитуваа законската забрана за промовирање на програмите на кандидатите, но, од друга страна, вршеа интензивни промотивни и комуникациски активности.
Се бележи кампања во која голем дел од учесниците во трката за власт на локално ниво, се занимаваат со општи теми, со национални прашања, наместо да говорат за локалните потреби, предизвици и планови.
Повторно се бележи кампања која како да се однесува на парламентарни, а не за локални избори.
Се води жестока црна кампања, политичките противници се третираат како смртни непријатели
Во изборната кампања се бележат голем број дезинформации, говор на омразата, навреди и клевети. Повторно гледаме политичка кампања каде што политичките противници се третираат како смртни непријатели.
Од 15 август до 20 септември, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи близу 1.000 случаи на говор на омраза во изборен контекст на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер. Говорот на омразата се бележи и кај т.н. инфлуенсери и јавни личности.
Главните теми со кои се занимава црната пропаганда, секако, не се понудите на политичките противници, туку лична дискредитација на кандидатите, како и вообичаените поларизирачки дебати со кои е преокупирано општеството години наназад. Во црната кампања се злоупотребуваат и актуелни настани, кои политичките актери или нивните поддржувачи ги користат за меѓусебни напади.
Мониторингот на ЦИВИЛ речиси секојдневно бележи и по неколку случаи на ултранационалистички, ксенофобични и дискриминаторски пораки чии извори или поттикнувачи се јасно препознатливи, а меѓу нив се и дел од политичките партии во земјава, како и нивните поддржувачи и членови. Еден дел од Интернет медиумите ги преземаат овие содржини и со тоа понатаму го охрабруваат ширењето на омразата и повиците на политичко насилство.
Злоупотреба на деца во политичка кампања
Во извештаите на мониторинг тимот на ЦИВИЛ се бележат и три случаи на злоупотреба на деца во изборна кампања. Нотиран е случајот на злоупотреба на деца од кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ во општина Илинден. Исто така, нотиран е случајот на пропагандно видео на ДУИ во кое учествува дете. Третиот случај е со злоупотреба на деца во политичка кампања од Алијансата за Албанците.
Се бележат и неколку злоупотреби на деца во политички пораки на поединци, поддржувачи на опозициските партии, на социјалните мрежи. Во некои од тие објави на социјалните мрежи се бележи и говор на омразата упатена до претставници на политичките партии на власт.
Изборната хроника на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ во рубриката Политички ОК Корал објавува изборна хроника врз основа на извештаите од Мониторинг тимот и долгорочните набљудувачи. Во периодот од 19 август до 19 септември, во 16 изданија на изборната хроника на ЦИВИЛ, се известува за 57 активности на политичките партии и независните кандидати за локалните избори. Опфатени се 18 активности на ВМРО-ДПМНЕ, 16 на СДСМ, 12 на Алијансата за Албанците и Алтернатива, 7 на независните коалиции и кандидати, пет на ДУИ, а останатите партии се застапени три пати во изборната хроника на ЦИВИЛ.
Политичките партии и независните коалиции и кандидати се повикани вкупно девет пати во период од еден месец, да испраќаат информации за своите предизборни активности. Освен три политички партии, никој не се одзва на овој повик, но мониторинг тимовите ги следат предизборните активности од веб страниците, социјалните мрежи и на терен, без оглед на игнорирањето на повиците.
Кршење на мерките за заштита од КОВИД-19
ЦИВИЛ бележи голем број случаи на кршење на мерките за заштита од КОВИД-19 во целата земја. Одредени политички партии продолжуваат со кршење на мерките за заштита на јавното здравје на своите настани.
МОНИТОРИНГ НА ЦИВИЛ
300 краткорочни набљудувачи
9 долгорочни набљудувачи, 4 регионални и 5 мобилни
ЦИВИЛ Мониторинг тим
Мобилни СТО
Прес центар, 6 прес конференции во живо
ПОВИК ДО ГРАЃАНКИТЕ И ГРАЃАНИТЕ ДА ПРИЈАВУВААТ ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ
Препораки на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ, како и досега, бара од партиите, но и од родителите да ги почитуваат правата на децата и да ги остават надвор од политиката! Децата и малолетниците никако не смее да се злоупотребуваат за политички цели и не смее да се вклучуваат во кампањите на политичките партии! За секоја злоупотреба на децата, бараме соодветна законска реакција од институциите и ја повикуваме јавноста остро да ја осуди и отфрли злоупотребата на децата и малолетниците.
Во пресрет на локалните избори, ЦИВИЛ ги повикува сите учесници во изборниот процес максимално да ги почитуваат добрите изборни практики, демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и безбедни избори.
Да се сопре црната кампања.
Иако не е забрането според законот, сепак, учеството на високи државни функционери во кампањата, макар и вон работното време, треба да изостане или да се редуцира.
Кампањата да се води на локални теми, а не на национални теми кои го одвлекуваат вниманието и ги збунуваат гласачите.
Да не се злоупотребуваат несреќи и непогоди.
Да престанат говорот на омразата и црната кампања.
Да се почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19.
Да се спречат креирањето и ширењето на дезинформациите.
Политичарите да престанат со меѓусебната пресметка, навреди и клевети, туку да им се обраќаат на гласачите со пораки за реални и локални прашања и проекти.
Промените во Изборниот законик да не се носат во изборен период.
извор: ЦИВИЛ МЕДИА