пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Само неколку дена како почна изборната кампања, но на драмолетката се чини ќе и нема крај.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски како по обичај срипаа први со мегаломанштината. Ветија реализација на милијарда и триста проекти. Пардон, Мицкоски вети точно 14.835 проекти. Поскромна бројка од оваа, здравје. Небаре не знаеме што сè се проекти за вмровците и за што ли се организираа настани, сечење ленти, фрлање лопати… Се сеќавате кога градоначалникот на Скопје Коце и министер за финансии Ставрески свечено пуштаа во употреба една канта и една потканта за ѓубре? Па многу биле 14.835 проекти, шо ве гледам чудни.
Цел онолкав циркуски проект „Скопје 2014“ од 700 милиони евра го заборавивме, голема работа за едно свечено отворање на канта ако сме заборавиле, нели.
Кога сме кај мегаломанштината, сепак приматот е кај независната кандидатка од вмровците за Скопје, Данела Арсовска.
Што вели таа за себе, на оној прес каде што не сакаше да одговара на новинарски прашања а нејзините бодигарди го лактаа Политико: „Имам зад себе достигнувања што ниту еден човек во Македонија не успеал да ги направи, имам достигнувања што ни една индивидуа од Европа не успеала да ги направи“, вели во себе-воспевот Данела. Доста скромно, достојно за симпатии.
Со оглед на тоа како за вмровско време тогашниот вицепремиер Хипо, го бркаше и шамараше јавно пред камери, сега и добро помина Саше, дај нека не кемка безвеза.
Инаку, Данела вети 250 автобуси што ќе ги платат скопјани за потоа бесплатно да се возат со јавниот превоз. Рече и дека бесплатен јавен превоз има во 67 држави во Европа од вкупно 51 држава колку што има цела Европа.
Мицкоски во Кавадарци рамо до рамо, еден до друг со Митко Јанчев кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник.
За кого ќе гласаат кавадарчани – за Јанчев кој беше избркан од потпретседател на партијата како државен непријател број еден, затоа што како што рече тогаш Александар Николовски: „Заради дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ, но и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, се разрешува од потпретседател Митко Јанчев…“ или ќе гласаат за Јанчев кој вели: „Дај Боже сите да сме како Зоран Заев и да бидеме сите флексибилни и да можеме да работиме, државата ќе ни стане како Швајцарија“?
За кој Јанчев ќе гласаат вмровците од Кавадарци, да не им си во кожа?
Кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, пак, не оди на телевизиски соочувања. Од што се исплашил човекот, сите во Прилеп се чудат и прашуваат.
Знаеме како се однесуваа кон јавноста од ДПМНЕ кога беа на власт. Немаше тогаш дебата, дуел, никакво соочување не прифаќаа вмровците на Грујо, освен ако не беше тоа кај Латас, Јанко, Миленко и слична медиумска болумента. Овие од Мицкоски пак, сега не се појавуваат на дебати и дуели ни кога се во опозиција. Бог да чува! Немаат што да кажат, се срамат од својот кандидатот, не му веруваат, или пак можеби тој е исплашен од соочувања со противкандидатите? Како ќе води град кутричкиот, ако се плаши од вербална дебата со аргументи, навистина е за чудење. Да му берат гревото, го зеле на душа, велат прилепчани.
Сепак скопјани не се даваат. Еден кандидат се пофали дека реката Вардар ќе ја направел да биде пловна, Перо Камиказа од Левица, вели ако не е тој, ќе гласал за Шилегов, а Бени рече: „Има да биде чист како никогаш до сега. Ќе го светнам. ќе го исчистам, има да блешти. Ќе го пицнам“, вели Бени. Тешко на Перо, кога му се загнаа десните левичари, ќе го бесат, па мораше да ретерира. Сопругата од Апасиев, вели, простата маса не разбрала сарказам. Ама и на Бени не му е лесно. Фраерите од Твитер му дадоа башка контекст на муабетот и ете го бруи, не запира.
Овие од СДСМ, пак, досадни. Сè тие со реални некои проекти, пресметани, докажливи, неконфликтни во дебата… Кој ве учи така, бе, како да не знаете на што се пали народ кај нас. Да не е Заев да фрли некој намерно проектиран бисер, ќе пукниш од досада слушајќи ги. Ама, тие си знаат, има време до 17 Октомври, можи да се извампират.
Мојот фаворит засега е „менаџерот од Охрид“ во одората од Вергина, што на сред соочување ги зачини со Вегета противкандидатите.
Го гледавте предизборниот спот на Мерко?
Само да е весело – Јашаааа!
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани