Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале во непознат правец. Очевидец на настанот снимил и видео на кое можат да се видат моменти од инцидентот кога Џафери го влече Бислимоски, а потоа бега од местото на настанот.
Портпарол на Регулаторната комисија го потврди инцидентот за ДВ и вели дека претседателот на РКЕ Бислимоски нема посериозни повреди и се чувствува добро. Откако дал изјава во полиција, рано утрото во вторник Бислимоски бил и на прегледи во болница.
Полицијата против Џафери ќе поднесе пријава за кривично дело насилство, а за случајот е известен и јавен обвинител.
Причината за нападот врз Бислимоски е одлуката на Регулаторната комисија од 23 септември годинава да започне постапка за одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија на фирмата на синот на Муса Џафери. Врз основа на пријава од МЕПСО, од каде алармирале дека фирмата „У Пауер“ ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит, од РКЕ одлучиле да поведат постапка против компанијата.
Од РКЕ велат дека нападот врз Бислимоски нема да смени ништо во начинот на кој постапува Комисијата. „РКЕ нема да отстапи од спроведувањето на Законот и ќе продолжи со соодветните постапки“, велат оттаму.
Извор: Дојче веле