Oд ДИК велат дека се максимално подготвени за утрешните избори. Се зголемува бројот на случаи на давање поткуп во замена за гласови. Предлог законот за вонредна состојба е донесен пред Венецијанската Комисија. Какво влијание има ковид-19 врз храната објаснува Чу Донгју, генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) по повод Светскиот ден на храната.
ПОЛИТИКА И ИЗБОРИ
Државната изборна комисија (ДИК) е максимално подготвена за Локалните избори, изјави во интервју за МИА претседателот на Комисијата Александар Даштевски, и нагласува дека идеални избори не постојат, но се надева дека овие избори ќе бидат многу подобри од кои било други досега бидејќи се воведува гласање со отпечаток од прст, пренесува ЦИВИЛ. Можеби ќе има некакви проблеми, но ќе спречи најголем дел од нерегуларностите што постоеа кај нас. Затоа и се договорија големите партии да го воведат овој начин на гласање, вели Даштевски во интервјуто.
Според статистиките од Државната изборна комисија, бројот на кандидатки за градоначалнички на претстојните локални избори е уште помал од минатите. Од 301 кандидат за градоначал ничко место, само 25 се жени, додека застапеноста на жените во советничките листи е видно поголема од таа за градоначалнички места.
На Локалните избори 2021 право на глас ќе имаат 1.824.864 гласачи впишани во Избирачкиот список. На седмите по ред избори за градоначалници и општински совети за 80 општини и Град Скопје, граѓаните утре ќе избираат нови градоначалници и општински совети од пријавените 299 кандидати за градоначалници и 10.532 кандидати за членови во општинските совети, покажуваат податоците на ДИК
Полициски службеници синоќа привеле четири лица, кои околу 19 часот кои биле забележани како дават пари во замена за глас на претстојните локални избори на местото викано Аџево на подрачјето на Полициската станица „Драчево“. При приведувањето кај четворицата осомничени се пронајдени 121.000 денари и 250 евра.
На 16.10.2021 во ПС Делчево на информативен разговор е повикан Н.С. (35) од Делчево поради основано сомнение за давање поткуп во врска со локалните избори односно сторено кривично дело по член 162 од КЗ „поткуп при избори и гласање“, како и К.С. (35) кој примил 3000 денари од Н.С. во замена за глас на утрешните избори.
Гласањето на локалните избори 2021 започна со изјаснувањето на болните, немоќните и лицата со Ковид-19 и во самоизолација чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии. Во три гостиварски општини денес гласаа 198 граѓани.
Американската дипломатија и бугарските партнери во ЕУ манифестираат двојни стандарди кон Бугарија, но таа нема да го смени својот став во билатералните односи и не може да се очекува дека Софија ќе направи отстапки под надворешен притисок, изјави копретседавачот на бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и поранешен амбасадор на Бугарија во земјава, Ангел Димитров.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ денеска учествуваше на сесија на Венецијанска комисија, каде го претстави предлог-законот за вонредна состојба, кој на оценување пред ова тело на Советот на Европа. Како што објави на министерот Маричиќ на својот фејсбук-профил, мислењата на Венецијанската комисија за овој и за другите закони се особено важни, со цел подобрување на истите и исполнување на европските стандарди во таа област.
Официјална Софија порачува дека почитување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија е предворјето за интеграција на земјава во Европската унија. Државниот врв во Скопје со децидна изјава дека процесот на пристапување во ЕУ не треба да биде условуван од билатерални прашања туку од успехот на домашните реформи за постигнување на европските стандарди.
Недостасуваат околу 40 лица на Избирачкиот список во казнено-поправните установи, избирачкото место во КПУ Идризово отвори со задоцнување, информира ЦИВИЛ. Во мониторингот на ЦИВИЛ на гласањето во КПУ низ земјата, се бележат неколку други недостатоци. Во КПУ Куманово, од 56 лица, само 38 се на Избирачкиот список. Во КПУ Битола, 20 лица недостасуваат во Избирачкиот список.
ИНТЕРВЈУ
ФРОНТЛАЈН разговараше со професор доктор Светлана Вељановска од Правниот Факултет во Кичево, чијашто експертиза се човековите права, и изнесе свое мислење околу почитувањето на човековите права, и правото на глас за претстојните избори. Професорката Вељановска истакнува дека се наоѓаме во период на локални избори и добро е да се потсетиме од каде произлегува нашата можност за да бидеме активни кретатори на политиките во нашата средина.
ПАНДЕМИЈА
Дури 83 отсто од починатите од Ковид-19 не биле вакцинирани, покажува последната статистика. Исто така, 79 отсто од хоспитализираните не се вакцинирани, како и 74,9 проценти од новозаразените. Надлежните уште еднаш испраќаат апел до граѓаните да се вакцинираат, уверувајќи дека ефикасноста на вакцините против Ковид-19 е потврдена со многу анализи.
Според порталот Врање њуз, прва доза вакцина во овој град е аплицирана на 13.657 македонски државјани, на 24.161 граѓанин на Врање и останати места во Србија и на девет државјани на БиХ. Во Врање досега вакцинирани 13.657, а ревакцинирани 11.966 македонски државјани.
Денес се регистрирани 395 нови позитивни случаи на SARS CoV-2, со што вкупната бројка на дијагностицирани лица со КОВИД-19 изнесува 196.762. Оздравени се 245 пациенти – во изминативе 24 часа починале 14 лица.
РЕПУБЛИКА, РЕГИОН И СВЕТ
„Храмот“ на прилепскиот ракомет, на малиот фудбал и кошарката, Универзалната сала, повторно им се враќа на спортистите! Под покровителство на Агенцијата за млади и спорт, вчера беа склучени договори за изнајмување на Универзалната сала на два спортски клуба од градот.
Светскиот ден на храната годинава не затегнува во критичен момент – пандемијата на Ковид-19 останува глобален предизвик, предизвикувајќи невидени загуби и потешкотии, а влијанијата на климатската криза се насекаде околу нас, вели Чу Донгју, генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) по повод Светскиот ден на храната.
На почетокот на изборната кампања за претседателските и парламентарните избори во Бугарија што се закажани на 14 ноември, најголем рејтинг има партијата ГЕРБ, покажуваат резултатите од анкетата на „Сова Харис“, јави дописникот на МИА од Софија.
ЛАЖНИ ВЕСТИ
Лажен профил е отворен со името и фотографии од првата дама Елизабета Ѓоргиевска. Профилот е на социјалната мрежа „Фејсбук“ и е отворен пред 17 часа и е искористено презимето од претседателот Стево Пендаровски, па е именуван како „Елизабета Пендаровска“, а користени се и нивни заеднички фотографии, споделувани се објави од официјалната страница на претседателот.
Дали навистина во глобално распространетиот и популарен пијалак Кока Кола има абортирани фетуси? Краткиот одговор е НЕ. Всушност, станува збор за постара контроверза, која се појавила во 2010 година и која ги содржела дезинформациите дека поголеми компании за храна и пијалоци, меѓу кои и Кока Кола, во производството користат ткиво од абортирани бебиња.
ИНФО ПИТ
Времето денеска ќе биде претежно облачно, со повремен локален дожд во претпладневните часови. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Максималните температури ќе бидат во интервал од 7 до 15 степени.
Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено по влажни коловози, со умерен интензитет на патните правци надвор од градските средини. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
М. М.