На барањето на Наставничкиот пленум за зголемување на платите на сите вработени во образованието за 20 отсто од почетокот на идната година, Министертството за образование и наука одговори барањето да биде упатено до пратениците во Собранието каде, како што наведува во соопштение, со месеци е заглавен предлог-законот со кој се обезбедува континуиран раст на платите на наставниците.
– Владата и Министерството за образование и наука работи во интерес на наставниците и обезбедување нивна правна сигурност и подобрување на нивниот статус. Во таа насока е Законот за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, со кој платите на наставниците треба да се зголемуваат согласно растот на минималната плата во државата. За жал, овој закон со кој се унапредуваат наставничките права e блокиран од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Потсетуваме дека во изминатите четири години платите на наставниците кои имаат работен стаж од 10 години се зголемени за околу четири и пол пати, односно за 4.000 денари, додека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ само за 800 денари, наведува МОН.
Додава дека дополнително минатата, како и оваа година, блок-дотациите кон општините се зголемени за 2 отсто и дека во ова зголемување, покрај средства за набавка на потребните материјали и средства за хигиена и дезинфекција, предвидени се и средства за исплата на прекувремените часови работа на наставниците.
извор: МИА