Сите ние како политичари правиме слика во општеството дека изборите се нешто фатално, истакна градоначалникот на Валандово од СДСМ, Перо Костадинов во гостувањето на Топ тема, додавајќи дека народот на изборите покажал дека му е „преку глава од се“ и ниедна политичка партија нема зголемување на гласовите.
-Има помала излезност бидејќи граѓанството е тероризирано. Народот испрати порака до владејачката партија и јас не ја релативизирам состојбата. Пораката е примена, затоа е и дадена оставката од претседателот на партија и премиер што никогаш претходно се нема случено, притоа се локални избори, рече Костадинов, според кого опозицијата продолжува да води гол популизам и политикантство.
Според него оставката е личен став на претседателот на партијата Зоран Заев и оценува дека мнозинството е стабилно и нема потреба од предвремени парламентарни избори.
-Наредниов период ќе има убав простор пред нас и ќе покаже дека лекцијата е прифатена и убаво е кога се менуваме. Парламентарната коалиција има многу повеќе од гласовите од цела опозиција заедно. Чинот на Заев е голем, бидејќи сите претходни промени во партиите се случувале кога партиите биле во опозиција, заклучи Перо Костадинов.
„Кај нас национализмот и националистичкиот фолклор за жал се користи за гол популизам. Навистина ми е жал што ние се случува ова“ кажа градоначалникот на Валандово Перо Костадинов на „Топ тема“ на Телма, коментирајќи ги конститутивните седници на советите на кои се користи старото име на државата.
Тој додаде дека градоначалниците мора да ги почитуваат законите, бидејќи во иднина ќе треба да се потпишуваат и плати и документи со уставното име и со нов печат со новото име.
„И на конститутивната седница на советот во Валандово имаше таков обид за протуркување на старото име, поради што сметам дека ваквите настани се оркестрирани“ рече Костадинов.