„Ќе биде прогласена енергетска кризна состојба во државата со единствена цел да може да се вбризгаат буџетски средства во енергетските компании како што се ЕСМ и МЕПСО со цел да се зголеми нивната ликвидност за да може да се интервенира во увозот на струја. Рестриктивни мерки во моментот не се предвидени. Министерството за економија и сите институции вклучени во енергетскиот сектор постојано имаат состаноци и будно се следи состојбата на електроенергетскиот сектор во државата. Министерството за економија предложи до Владата, и во саботата беше донесена Уредба за начинот и критериумите за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор со цел да се усогласи со новиот Закон за енергетика. Согласно Уредбата ќе може да се спроведат разни мерки вклучително и Владата директно преку буџетот и институциите кои се директни буџетски корисници на средства да интервенира во енергетските компании какио што се ЕСМ и МЕПСО“, ова го истакна министерот за економија Крешник Бектеши во вчерашното гостување во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат.
„Во четврток и во петок ќе имаме средба со членовите на Комисијата предвидена во рамки на Уредбата за прогласување кризна состојба. И јас како министер за економија на првата владина седница, која е предвидено да се одржи во вторник, ќе и предложам на Владата да ја прогласиме крзна состојба во енергетскиот сектор“, кажа министерот Бектеши и потенцираше дека на состаноците со сите чинители во енергетскиот сектор ќе се направат анализи и точни пресметки колку финансиски средства ќе бидат потребни за да се трансферираат до енергетските компании.
„Ве уверувам дека Владата има средства за да интервенира и во зависност од потребите на енергетските компании, толку средства ќе се пренесат директно од буџетот“ потенцираше министерот Бектеши во своето гостување во Алсат M телевизија.