Ѓорѓи Калајџиев
Грди се овие стихови
во грдо време напишани
во доба што раѓа прокоба
за години неугодни.
Во пролетта ќе пролета
пролетерка на љубовта,
уште една во низата
што не ќе ја вцрви црвилото,
што не ќе ја обели белилото.
Во летото, проклетото,
во летото без летопис,
ќе летаме ко летоци
од високо расфрлани,
та сите со свои ветришта
ќе бараме прибежишта.
Во есента есенција ќе нема
нашето замрено постоење
штом не има на час по боење,
оти сите сме си „лисја“ фалични
божем исти, но по боја различни.
Во зимата ќе ни смрзне семето,
зимница ќе сме му на времето,
лека полека, со нас ќе се гости,
штом го родивме нема да ни прости.
Ѓорѓи Калајџиев, роден 1961 година во Струмица, е македонски поет, текстописец и новинар. Добитник е на повеќе национални и интернационални награди за неговото досегашно творештво.
избор: Тања Кармзова Костиглиола