Таму каде што до вчера се протегаше велосипедската патека на булеварот Илинденска во Тетово сега се редици паркирани автомобили. Новата општинска власт започна да ги отстранува безбедносните столпчиња на два километра долгата велосипедска патека од судот до Универзитетот на Југоисточна Европа. Патеката беше изградена пред неколку месеци и иако на почетокот беше цел на бројни саркастични коментари на социјалните мрежи поради лошо изведените работи, откако се отстранија проблемите, таа стана прифатливо решение за велосипедистите, пренесува СДК.
Булеварот Илинденска е една од најоптоварените улици во градот. Сообраќајот се одвиваше по само една лента, бидејќи другите две редовно беа зафатени од паркирани автомобили. Во таа гужва, патеката овозможи барем велосипедистите да можат безбедно да се движат по оваа улица. Токму затоа, тие сега најмногу негодуваат на одлуката да се отстрани оваа патека.
Отстранувањето на велосипедската патека од двете страни на булеварот е една од приоритетните задачи кои во првите 100 дена од доаѓањето на чело на Општина Тетово ги најави новиот градоначалник Билал Касами. Тој рече дека таа се отстранува затоа што за тоа имало судско решение.
„Тука спроведуваме едно судско решение, со кое се покренува постапка за противзаконско поставување на оваа патека. Судот бара да се тргнат овие пречки и овој булевар да се врати во првобитната состојба. Судот веќе имал постапка против Општината и против поранешната градоначалничка и тие постапки ќе одат и понатаму. Значи, постапуваме по барање на полицијата и по одлука на судот бидејќи овој проект е направен спротивно на законот“, изјави Касами.
Тој најави дека ќе изгради нова велосипедска патека, која требало да биде по сите европски стандарди, но не наведе каде и кога ќе го реализира ова.
Извор: СДК