Ана Голејшка Џикова
љубов, првото легло
ми беше топло, мајка ми
среде жега ме носеше
татко ми милно ми зборуваше
папочната врвка е конопот
со кој ги врзав сите спомени
и ме донесоа на свет со
потајна желба да сум момче
не знаат – јас и момче и
девојче бев, пред да се испилам
и си го зедов со себе
и чувството на вина
дека нема да го спасам
светот од болка
растев со баби и дедовци,
со кредити и чекови
со децении и векови
сега папокот ме боли, во
него ми се кријат памукчиња
тој го бакнува мојот стомак
и во него немир одекнува
љубов, второ легло
неговиот нерамен кревет и
душек во кој се мешколиме
зборуваме за храната и песните
таму ми е сѐ што допрва ќе замислувам
менувајќи положби додека
те создадам тебе
љубов, трето легло
здив што тлее
додека ние старееме.
Ана Голејшка Џикова (1987) е македонска писателка и социјален активист. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошки факултет во Скопје.
избор: Тања Кармзова Костиглиола