Стефчо Стефанов – Аџамија
Се осеќа ли во цврстиот еднозбор од наслов
решителноста дека одбирам да сум вода.
Точно, промислено, желно одбирам
да сум онаа вода што некогаш лие, а некогаш
вода што одвај се тркала по твоето тело,
раситнета на мазно-проѕирни мурано топчиња
кои одбиваат да ти се симнат од кожата.
Безмирисен, ќе го собирам твојот вкус и мирис.
Конечно ќе понирам во твоите пори,
а за излез ќе ги оросувам твоите ноздрви
барајќи воздух и за двајцата секогаш кога
ти врело ќе дишеш.
Одбирам да сум водена тантела околу твоите препони.
Утре да сум мали прскави каскади
преку твојот папок, грклан, преку твоите гради.
Задутре да сум вода што топло го трга од твојот колк,
како да е ластик, велот сапуница
зад кој притаено чади твојата бесрамност.
И секој ден така. Вода.
Но, има една возможност.
Всушност, има милион.
А милион можности одбирам за мене да не чинат.
Не ги можам и не ги сакам.
Не можам точно, промислено и желно да одберам
да сум вода што мие висококаратен златосмртен блесок
во голтки со цијанидно горчлив отсјај.
А, да не чуе ѓаволот, можно е.
Не сакам точно, промислено и желно да одберам
да сум ситнозрнест меур вода до ситнозрнест меур воздух
во некој си гел за дезинфекција на раце.
А, да не чуе ѓаволот, можно е.
Затоа и прашувам. Се осеќа ли? …дека сум решен!
Точно, промислено и желно одбирам да сум
вода само по тебе и вода само во тебе.
Не мора да одговориш на глас.
Ако не се осеќа во насловот, сигурно ќе се осеќа на кожа.
Ти отсега па натаму само прави како и досега.
Напиј се. Туширај се. Оди на плажа. Наполни када…
Јас сум.
Стефчо Стефанов – Аџамија е македонски поет, писател и психолог од Гевгелија. Автор е на неколку книги: поезија, еротска новела и два лексикони на гевгелиски дијалект.
Избор: Тања Кармзова Костиглиола