Игор Исаковски
најди ме во мојата двојност
избери парче за себе
земи ме како што ми доликува
спотни уште оган во вртлогот
терај ме напред
кон сонцето и светлината
терај
биди силна како случаен избор
наврти го твојот извор кон мене
земај додека ме има
густ чад исцеди од мене
болскоти прибери
со твоите големи
дланки како градови
носи ме
како сок што се наведува
Игор Исаковски е роден на 19 септември 1970 во Скопје. Почина на 15 декември 2014 година. Тој е поет, писател, преведувач, уредник и издавач. Беше основач е и директор на културната установа Блесок.
Џабир Дерала
Нека ѕвони твојот живот и кога го нема
посветено на Игор Исаковски
Најтешко е времето чие време не е дојдено
Блузот е најтажен во тишината
Блузот е најтажен во тишината
меѓу два удари по жиците
Најтежок е денот кога мајката
треба уште еднаш да биде пример за издржливост
Кога сестрата ги теши другарите
а другарите немаат зборови
Најтешко е времето што не поминува, а поминало
И часот на погребот е како студен воз на перонот
Тешки се прстите што не слушаат
а мислите испуштаат звуци како рој штурци в лето
Тешка е загубата кога не плачеш
Тешка е кога плачеш
Кога знаеш дека утеха нема и тогаш кога ја има
Смртта
како поштенска марка
се лепи на писмата без адреса
ги обвиткува глуждовите
како пареа од шахтите рано наутро
морбидна лотарија
кога добитниците се фатални губитници
како тишина залепена со тишина
По ѓаволите со тишината
нека ѕвони твојот живот и кога го нема
И…
секогаш ќе има бели страници
секогаш ќе има неразбрани пораки
денови непроживеани
патишта неизодени
нови шанкови без упорни лакти
погледи невозвратени
колена недопрени
смеа неисмеана
секогаш ќе има прашања неодговорени
коси без прсти да ги погалат
усни што чезнеат по уште еден бакнеж
очи студени под трепки што не мрдаат
здравици без раце да ги држат чашите
избор: Тања Кармзова Костиглиола