Во просториите на Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска се сретна со новоизбраните офицери од Армијата на Република Северна Македонија ангажирани во командните структури на НАТО.
На прес-конференцијата после настанот, министерката истакна дека зад нас се неколку успешни недели во кои прво целосно успеавме и во рекордно време да го завршиме военото интегрирање на Република Северна Македонија со НАТО и официјално да започнеме со НАТО мисијата на воздушно набљудување на македонското небо.

„Како дел од овие добри домашни НАТО вести задоволство ми е што денеска можам да бидам тука со неколкумина офицери од Армијата на РСМ коишто ќе бидат да кажам следната епизода во развојот на нашите односи како полноправна членка на НАТО“, рече Шекеринска.
На прашањата од Фронтлајн – Како ќе ги оцените активностите во рамките на air policing во македонскиот воздушен простор? Што значи тоа за безбедноста на нашата држава, министерката Шекеринска одговори дека вчерашниот настан и почетокот на НАТО мисијата за воздушно набљудување над македонското небо покажува колку членството во НАТО го засили нашиот суверенитет.
„Контролата на нашето небо е прашање на суверенитет. Кога зборуваме за суверенитет ние во принцип сме зборувале дека си ја котролираме нашата територија. Небото е исто така територија на нашата земја. Формално се разбира дека нашиот суверенитет таму е неприкосновен, но ако не ја имате соодветната радарска опрема, опремата за воздушно набљудување и воздухопловите за реакција тој суверенитет не можете да го практикувате. Тоа се случувало во изминативе години, бидејќи едноставно секоја Армија не може тоа да си го дозволи. Вчерашниот настан и почетокот на НАТО мисијата за воздушно набљудување над македонското небо покажува колку членството во НАТО го засили нашиот суверенитет. Дополнително тоа значи дека имаме оперативни процедури и имаме НАТО капацитети во случај кога велиме за не дај боже можат да се активираат. Тоа е како НАТО членството ја зголемува и безбедноста, но и суверенитетот на една држава како Северна Македонија. Можевте да видите вчера список на земји кои го користат истиот систем. Тоа покажува колку НАТО не е екстра трошок, НАТО е практично шанса да имате паметна одбрана. Да го финансирате тоа што de facto може да го финансирате, а да искористите НАТО ресурси за капацитети за кои немате пари. Да направиме најоптимистичка варијанта за економски раст на Северна Македонија и за издвојување во одбраната не можете тие воздухоплови и тоа одржување и таа обука да ги финансирате и побогати држави од нас тоа не можат да го прават. Но ако се во вистински сојуз и ги искористат капацитетите на своите сојузници ќе имаат целосна слика што се случува на македонското небо ама и да имаат реакција во случај на непредвидени и непосакувани ситуации“, одговори министерката Шекеринска.
Мартина Ацковска