Предвремени избори на 12 април ќе има и на 3 јануари ќе се формира техничката влада, категорични се и владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ иако договорот за преодна влада запна уште на првиот чекор при консултациите за технички министер за внатрешни работи, пишува Слободен печат.
Откако СДСМ викендов го одби предлогот на опозицијата за полковникот во АРМ, Драган Ковачки, како противуставен и порача да предложат нов кандидат, од ВМРО-ДПМНЕ категорично одбиваат да го сторат тоа со образложение дека и власта го многупати го прекршила Уставот! Од опозицијата се упорни дека полковникот Ковачев е толку квалитетен кадар што власта се исплашила од него, а не реагираат на предупредувањата дека униформирано лице не може да биде министер што деновиве го искажаа редица експерти.
„Целосно изненадени, а не можејќи да најдат дамка во кариерата на предложениот кандидат за министер за внатрешни работи, Заев и криминално-рекетарската банда околу него веднаш почнаа да бараат алиби во правни толкувања. Истите тие што во изминативе три години не знам колку пати го прекршија Уставот на Република Македонија!“ напиша на Фејсбук Игор Јанушев, генералниот секретар на партијата.
Маневри на ВМРО-ДПМНЕ
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која во техничката влада ќе го заземе местото вицепремиер за економски прашања во емисијата „Утрински брифинг“, вчера рече дека е страшно ако противуставниот предлог на опозицијата е нивен правен превид, но таа повеќе очекува дека станува збор за манипулација. Според неа, СДСМ има неколку сценарија ако ВМРО-ДПМНЕ не отстапи од предлогот за полковникот Ковачки, а избори секако ќе има.
– Премиерот Зоран Заев и СДСМ рекоа дека одиме на избори на 12 април и за тоа имаме можност – рече Царовска.
Според неа, опозицијата е неконструктивна и се обидува да го прекрши Уставот и на сцена е старото ВМРО-ДПМНЕ, кое никако не успева да се реформира.
Според договореното, на 3 јануари премиерот Заев треба да поднесе оставка, со што целата влада ќе биде во оставка. Претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот на новиот мандатар Оливер Спасовски, кој пред Собранието треба да го предложи составот на техничката влада, која ќе се избере истиот ден до полноќ. Со тоа ќе почне рокот од 100 дена во кој техничката влада има мандат да спроведе фер и демократски избори.
Но, според извори во СДСМ, можно е идниот технички премиер Спасовски да не го предложи Ковачев во техничката влада.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, пак, вчера посочи дека само СДСМ е против Ковачев, а други партии се за, што ја остава отворена и можноста тој сепак да биде предложен од мандатарот Спасовски, а во Собранието да добие 61 глас од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за која Ковачев е прифатлив кандидат.
– Јас не сум тука да го толкувам Уставот, само пренесувам информација. Она што е јасно е дека СДСМ бега од професионализам и квалитет, од човек со импозантна биографија. Ако има нешто ново, ќе соопштиме – рече Стоилковски.
Преседанот не е аргумент
Политичкиот аналитичар Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ смета дека СДСМ нема да се согласи со предлогот за МВР затоа што е очигледно противуставен и дека до 3 јануари ќе се најде друго решение. Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ го предложило полковникот Ковачки за министер од неумесност.
– Не може преседанот да биде аргумент за кршење на Уставот. Сметам дека овој предлог е направен од неумесност, а не поради скриена намера на опозицијата да се одложат изборите. На ВМРО-ДПМНЕ им одговара да има избори и не им е во интерес да губат поени на вакви прашања и затоа очекувам да се договорат во наредните денови – вели Трошановски за „Слободен печат“.
Од партијата НСДП вчера се изјаснија дека нема да гласаат за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и побараа Мицкоски да предложи друг кандидат.
– Не постои ниту едно правно толкување, според кое уставната одредба од членот 97 може да се измени. Дискусијата за наводни преседани е неодржлива, несериозна и го доведува во прашање уставниот поредок. Инсистирањето воено лице да раководи со МВР, ќе ја засили перцепцијата на јавноста дека Христијан Мицкоски е уплашен од изборните резултати и не сака соочување со гласачите на 12 април. Се надеваме дека ВМРО-ДПМНЕ сè уште има сила и разум да го разубеди Мицкоски во неговите намери да ги опструира изборите – рече пратеничката на НСДП, Соња Мираковска.
ВМРО-НП предлага техничка влада со пократок мандат
ВМРО-Народна партија предлага од следните редовни парламентарни избори времетраењето од сто дена на техничката влада која ги организира изборите да се намали на еден месец.
„ВМРО-НП го поддржува овој процес и во ред е овој изборен циклус да заврши по претходно договорените правила. Промената се предложува од проста причина што периодот од сто дена одзема премногу време и простор за работа на претходно избраната влада. Со ваквиот потег Македонија ќе докаже дека е демократски созреана и дека е конечно спремна да се носи со демократските предизвици што произлегуваат од принципите врз кои се води и управува оваа држава“, соопшти партијата.
Кој е предложен за технички министер
Опозициската ВМРО-ДПМНE ги одбра и другите кандидати за техничката влада. За нов технички министер за труд и социјална политика ќе биде предложена д-р Рашела Мизрахи, која е доктор на науки по биохемија со богата кариера. За заменик-министер за финансии ќе биде предложена Гордана Димитриеска-Кочоска, која во моментов работи во приватна компанија, а за заменик-министер за земјоделство ќе биде предложен Цветан Трипуновски, кој бил советник во Министерството, како и директор на Државниот земјоделски инспекторат. За местото заменик-министер за информатичко општество и администрација ќе биде предложена актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска-Стојковски.
СДСМ викендов ги соопшти имињата на нивните членови во техничката влада. Технички премиер ќе биде актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, дополнителен заменик-министер во МВР ќе биде Славјанка Петровска, а дополнителен заменик-министер во Министерството за труд ќе биде Санела Шкријељ.
Сите други министри се очекува да останат на своите позиции, освен Мила Царовска, која ќе стане вицепремиер за економски прашања.