Моето име е Лина. Јас сум сексуална работничка, но народот ме нарекува „проститутка“ или „курва“ што за мене е навреда, бидејќи јас продавам услуги, а не тело. Со сексуална работа се занимавам повеќе од 10 години. Задоволна сум со својата работа, бидејќи можам да заработам доволно за сè што ми е потребно. Во целата оваа приказна влегов без никаква присила и луѓето не смеат да мислат дека сум жртва на трговија со луѓе. Доброволно и самостојно ја работам оваа работа.
Во текот на работата сум се соочувала со многу неправди и стигма од клиентите, од општеството и институциите воопшто.
Пред седум години бев сексуално малтретирана од тројца клиенти. Иако сакав, сепак, случајот не го пријавив во полиција. Ми беше страв дека ќе бидам исмеана од полициските службеници, поучена од претходни случаи, кога мои колешки и пријателки пријавувале насилство во полиција, а не добиле праведен третман само затоа што се занимаваат со сексуални услуги.
Сигурно ќе се запрашате зошто токму сексуалната работа ја одбрав за моја професија, кога би можела да работам во кафуле, маркет и слично. Одговорот е едноставен. Ми беа потребни пари за да ја обезбедам мојата и иднината на моите најблиски. Во оваа професија, сам на себе си газда. Можам сама да одлучам кога ќе работам, а кога не, сама си ги бирам клиентите и сама си го одредувам работното време. Едноставно, нема кој да ти кажува што да правиш.
Има денови кога не ми се работи, и тогаш сакам само да се посветам на домашните обврски или да му посветам внимание на мојот партнер, со кој сме заедно повеќе од пет години. Можеби сега ќе се запрашате како, ете, имам партнер, а сум сексуална работничка.
Мојот партнер го запознав како клиент и оттогаш почна нашата романса. Тој комплетно ме разбира и ми дава поддршка во сѐ што правам, знае дека со мојата работа не го изневерувам емотивно и дека тоа е само професија како и секоја друга работа.
Лина