На линија на ММФ, и Владата во однос на економските движења за наредната година очекува вработеноста постепено да закрепнува, додека високиот раст на платите, зголемените дознаки и користењето дел од кумулираните заштеди да влијаат врз зголемувањето на расположливиот приход. Фокусот е насочен кон економскиот раст во државата и подобрување на животниот стандард, напиша премиерот Зоран Заев на „Фејсбук“.
– Меѓународниот монетарен фонд во последната изјава ги поздрави економските мерки и политики на Владата кои помогнаа да се задржи вработеноста и да се ублажи влијанието на пандемијата врз економијата, вели Заев, набројувајќи ги суштинските поенти од изјавата на ММФ.
- Економското опоравување се очекува да продолжи во 2022 година, коешто ќе биде движено од силната домашна побарувачка;
- Силната поддршка преку политиките го ублажи влијанието на пандемијата врз економијата;
- Буџетот за 2022 година продолжува да ја поддржува економската активност;
- Инфлацијата ќе почне да се намалува во втората половина на следната година и ќе се стабилизира на околу 2% во 2023 година и во периодот што следува.
Заев посочува дека Владата во консултација со сите релевантни чинители во државата донела мерки за граѓаните и стопанството со цел да се задржи ликвидноста и да се зачуваат работните места.