Глигор Поповски
Не редете ме во вашата партија,
не хранете ме со вашата историја,
не планирајте ме за некоја ваша бојна легија,
не врзувајте ме со име и презиме
за некоја ваша тесна регија!
Не викајте ме ни таков, ни ваков, ни онаков,
ни староседелец, ни новодојденец,
викајте ме – човек.
Не приоѓајте ми, не ракувајте се со мене,
не барајте од мене и не дарувајте ми ништо,
ако сте некој, некаков, никаков,
ако не сте човек!
Згорчено ми е од сите
наши, ваши и нивни
војводи, водачи, челници,
од кралства, царства и цареви.
Сит сум, отруен од митови и лаги.
Не товарајте ме, не впрегнувајте ме,
не барајте од мене да бидам тоа што не сум,
не пречете ми да бидам човек.
ЧОВЕК, И НАД СЀ ЧОВЕК,
ДОВЕК!
Глигор Поповски (1928-2007) е македонски поет, романописец, раскажувач, преведувач и писател за деца од Будинарци, Беровско.
избор: Тања Кармзова Костиглиола