Инфраструктурата е приоритет во предлог-буџетот за следната година. Во буџетот на Град Скопје за 2022 година, кој на утрешната седница треба да се усвои и да биде изгласан, предвидени се трипати помалку пари за животна средина, споредено со оваа година. Вкупниот буџет предвиден за годината што доаѓа изнесува 76 милиони евра или над 4.6 милијарди денари.
Намалени средства за животна средина
Во предлог-буџетот на Арсовска се предвидени 73 милиони денари по оваа ставка, за разлика од 213 милиони денари кои ги избуџетирал Шилегов за тековната година. На ваквиот предлог реагираше и СДСМ.
„Во кампањата, Арсовска ветуваше инвестиции во животната средина и борба против аерозгадувањето. Буџетот за 2022 покажува дека тоа било само една од многуте предизборни лаги на градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска. Намалувањето на средствата значи сериозен удар врз капацитетите кои се борат против загрозувањето на животната средина, а со ваков пристап на Арсовска, Скопје уште долго време ќе биде на врвот на најзагадени градови во светот“, изјави Стефан Васев на вчерашната прес-конфернција.
Никола Наумоски, поранешниот шеф на Кабинетот на претходниот градоначалник, са Фронтлајн вели дека предлог-буџетот не е развоен, туку поразителен на Скопје и враќање кон минатото.
„Буџетот за 2022 е враќање кон минатото за Скопје. Враќање кон старите навики на асфалтирање и бетонирање, наместо кон хуманизирање и зазеленување на градот. Драстично намалените пари за зеленило и животна средина јасно кажуваат каде администрацијата на Арсовска планира да се движи“, изјави Наумоски за Фронтлајн.
Нема предвидени пари за најавуваните МЕГА паркови
Во предлог-буџетот доставен до со советниците, може да се нотира дека не се предвидени пари за мега парковите со големина на Градскиот Парк, коишто градоначалничката ги најавуваше во изборната кампања на Локалните избори 2021 година.
Во буџетот за следната година нема пари на новите паркови во Кисела Вода, Аеродром, Чаир, Карпош и Ѓорче Петров кои Арсовска ги најави дека ќе бидат со големина на Градскиот Парк, пренесува libertas.mk.
На 3 октомври годинава, Арсовска ја критикуваше „бетонизацијата“ и уништувањето на зеленилото кое е круцијално во борбата против аерозагадувањето и за здравјето на луѓето.
„Во рамки на програмата и релизацијата на овој проект за изградба на нови 5 мега паркови секоја година се обврзувам дека градот ќе засадува 100.000 нови садници. Немаме друга опција освен Скопје да стане вистински еколошки и одржлив град. Ако сакаме чист воздух, убава средина за живот и места за рекреација мора да вложиме во нив. Нема повеќе оправдувања и одложувања. Скопје мора да има брзи и сигурни решенија“, рече Арсовска на 3 октомври 2021 година.
Повеќе од јасно е дека следната година нема да видиме ново зеленило, смета Наумоски.
„Изоставувањето на мега-парковите кои ги најавуваше, како и напуштањето на проектот за зелен покрив на ТЦ Мавровка, се јасен сигнал дека следната година нема да видиме некое ново парче од градот раззеленето“, вели Наумоски за Фронтлајн.
Критики за аерозагадување, Град Скопје „ги обвини“ поскапувањата
Вака скроениот предлог-буџет наиде на критики во јавноста, посебно за делот животна средина, бидејќи главниот град деновиве се гуши од аерозагадувањето.
Oд Град Скопје пак велат дека економската криза и најавеното зголемување на цената на струјата дополнително ќе влијаат врз загадување на воздухот, поради тоа што голем број граѓани годинава се решиле да се греат на дрва, што придонесува за зголемено загадување.
– По најавите за драстично зголемување на цената на електричната енергија, дел од граѓаните најавуваат дека за огрев ќе користат дрва, што дополнително негативно ќе се одрази на загадувањето на воздухот – се вели во соопштението од Градот.
Оттаму потенцираат дека Град Скопје од свои буџетски средства оваа година издвојува 24 милиони денари за субвенции за купување на инвертер клима уреди, за разлика од претходните две години, кога во буџетот за оваа мерка немаше воопшто средства на Град Скопје, односно парите за субвенции беа обезбедени од Владата.
Наспроти овие твдрења, советничката во Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ, Лилјана Божиновска на денешната прес конференција рече дека субвенциите кон скопјани за инвертори за следната година се шест пати намалени.
Субвенционирањето за набавка на инвертори досега го искористија околу 5.000 домаќинства во Скопје, тоа се 5.000 помалку оџаци кои го загадуваат воздухот“, истакна Божиновска.
Божиновска потенцираше дека Арсовска мора да почне нешто да работи, особено она што им го вети на скопјани, а добрите проекти и еколошки мерки да ги продолжи, а не ги намалува.
Бесплатниот автобуски превоз ќе почека две години
Веќе е познато дека Арсовска го стопираше проектот „Бас Рапид Транзит“ (БРТ) . Побара време за реализација на нејзината мерка по која скопјани ја запаметија во предизборието, а тоа е бесплатниот автобуски превоз кој според градоначлничката, ќе се оствари за две години.
Бесплатниот автобуски превоз веќе се одложи за две години, па затоа и не е предвиден во буџетот за 2022.
Ревизијата во ЈСП Скопје е започната, се детектираат сите слабости во работењето на ова претпријатие. Ова претпријатие е тежок загубар, а целта на новото раководство е да овозможи претпријатието да работи со оптимално намалување на трошоците, зголемување на приходите и овозможување непречено функционирање со сето она што може да се направи во следниот период. Најпрвин, претпријатието да излезе од долговите, второ – да се овозможи да се воведе бесплатен превоз, првично на оние категории на коишто им беше ускратено ова право и трето – изнаоѓање начини за детектирање на финансиски средства преку донатори за набавка на прва транша на автобуси, а понатаму ќе видиме како ќе биде финансирањето“, рече Арсовска на 17 декември 2021 година.
Наумоски пак вели дека предлог буџетот не е развоен и дека Арсовска по стопирањето на Бас Рапид Транспорт, ќе може да продолжи да работи по теркот на Коце Трајановски.
„Напуштањето на БРТ сега значи дека Арсовска ќе може да продолжи со градењето на кружните текови на Коце Трајановски и проширувањето на коловозите, практики кои европските градови почнаа да ги напуштаат уште пред неколку децении. Буџетот за 2022 не е развоен, туку поразителен за градот Скопје, вели Наумоски за Фронтлајн.
Најмногу пари за патна инфраструктура, изоставена најсиромашната општина
Градоначалничката планира да потроши околу 7 милиони евра или 450 милиони денари на нови улици, булевари, мостови, осветлување и канализација. Покрај веќе започнатите и речиси завршените мостови и булевари на претходникот, градоначалничката планира реконструкција и на други улици.
На листата се најдоа улицата Перо Наков во населба Маџари, Рузвелтова во Центар и други, но се забележува дека не се предвидени реконструкции во инфраструктурно најмалку развиената и најсиромашна општина во Скопје, Шуто Оризари.