Нови 1.375 случаи на Ковид-19, двајца починати и 217 оздравени пациенти се регистрирани во вчера објавениот извештај на Институтот за јавно здравје по направени 7.188 тестирања. Омикрон варијантата на вирусот е детектирана кај 33 пациенти, што изнесува 59 отсто од позитивните примероци. Во државава се детектирани и првите случаи на флурон (комбинација на грип и Ковид-19).
– Од изработени 56 примероци позитивни на SARS CoV2, 33 се позитивни на Омикрон варијантата на вирусот. Оваа варијанта е детектирана кај 16 пациенти од Скопје, 10 од Охрид, четворица од Тетово, двајца од Кавадарци и еден од Кочани. Кај тројца пациенти од Скопје истовремено е детектирана комбинација од двата вируса Influenza A i SARS CoV 2, соопшти вчера Министерството за здравство.
Оттаму претходно објавија дека кај 26-годишен пациент од Општина Зајас е исто така детектирана комбинирана инфекција со вирусот на грип и Ковид-19. Според епидемиолошката анкета, пациентот со коинфекција Ковид19/Инфлуенца А, непосредно пред 31.12.2021 година се вратил од САД и според неговите кажувања таму примил вакцина за Ковид-19, односно се ревакцинирал неколку дена пред да пристигне во државава. Пациентот е упатен на домашно лекување, бидејќи засега нема тешка клиничка слика, информираат од Министерството.
Според надлежните, вакцинацијата против Ковид-19 останува единствен излез од пандемијата. Во моментов во државата има 6.818 активни ковид случаи.
Директорката на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ за МИА изјави дека големиот број новоинфицирани со Ковид-19 посебно меѓу младата популација е последица на прилично неодговорно однесување, континуирано, а посебно во периодот на предновогодишни и новогодишни прослави.
Таа нагласува дека би биле среќни кога граѓаните што сакаат поголема сигурност се вакцинираат редовно и според препораките се во поголем број. Третата доза вакцина, додава, е неопходна за потенцирање и зголемување на имунитетот и заштитата од Ковид-19.
– Ниту пак прележаните за кои некои мислеа дека се повеќе заштитени, денеска гледаме дека не се. Омикронот има далеку поголема моќ за реинфекција што деновиве ја констатираме по нашите амбуланти. Што се однесува до заштита на вакцините никогаш ниту една вакцина не обезбедила 100 процента заштита. Нивната заштитна моќ ќе биде различна зависно од мутациите на одредени соеви на вирус. Но, од секоја една од нив очекуваме далечна заштитна моќ зависно од мутациите на одредени соеви од вирус, од секоја очекуваме далеку полесна болест, посочува Стевановиќ.
Додава дека не би навлегувала во детали ниту би излагала експертски мислења за развојот на пандемијата со омикрон. Смета дека никој толку далекусежно не може да ја процени состојбата во дадениот момент.
Интензитетот на амбулантски прегледи, информира таа, сериозно е зголемен на Клиниката за инфективни болести и затоа апелира пациентите прво да се обратат кај своите матичните лекари за првични инструкции и третман со цел да овозможат време и простор за секој еден потежок пациент да добие соодветно внимание.
– И покрај очекувањата инфекцијата со омикрон е лесна секако дека и голем број на инфицирани случаи ќе имаат потреба и од болничко лекување што секако ќе ги пополни болничките капацитети. Мораме да мислиме и на фактот дека интензивно осцилираат и другите зимски вируси пред се инфлуенцата кое се манифестира со сериозни симптоми и потреба од болничко лекување, мора да обезбедиме простор за секој еден пациент кој има потреба од лекување, нагласува Стевановиќ за МИА.
Досега во земјата се направени вкупно 1.626.464 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 228 540, на оздравени пациенти е 213 722, а на починати е 8 000.
Омикрон варијантата на Ковид-19 забрзано се шири во регионот и во светот.
Речиси девет од десет регистрирани случаи во Грција се од сојот Омикрон, согласно податоците што ги презентираше вчера алтернативната министерка за здравство Мина Гага, која објасни дека на 30 декември 82 отсто од случаите биле Омикрон, ден подоцна, 89 проценти од вкупниот број заразени, а сега, како што рече, „веројатно надмина 90 отсто“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 43.386 нови случаи на Ковид-19, со стапка на позитивност 10, 4 отсто, починаа 62 лица, а 628 пациенти (девет повеќе од вчера) се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците. Од новите случаи, најголемиот дел, над 17.000, повторно се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Според Гага, зголемен е притисокот врз здравствениот систем, а се очекува во петок да се мобилизираат и приватни лекари за да помогнат во битката со Ковид-19. Во Грција, од почетокот на пандемијата, потврдени се вкупно 1.388.309 случаи на Ковид-19, а починаа 21.115 лица.
Вакцинираните во Грција кои се заразиле со Ковид-19, потврда за прележана болест ќе можат да извадат и со позитивен резултат од рапид тест, а не со ПЦР како што беше досега. За невакцинираните, задолжителен е негативен резултат од ПЦР тест.
Сертификатот за вакцинација ќе истекува по седум месеци и без примена трета доза во овој временски период, лицето, без разлика на возраста, ќе се смета за невакцинирано, рече вчера министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“. Оваа мерка веќе важи за граѓаните во Грција со наполнети 60 години, а според Плеврис, набргу одлуката ќе се прошири за сите, независно од возраста.
Експертите тврдат дека на Србија и се заканува „ураган“ од нов бран на коронавирус и уште подрастично зголемување на бројот на заразени, можеби и до 30 000 лица дневно, поради што се разгледува можноста за воведување на четврта доза вакцини, јави дописникот на МИА од Белград. Професорот Д-р Радмило Јанковиќ од Ниш за РТС изјави дека е невозможно да се запре ширењето на омикрон сојот на коронавирус.