Генералот Касем Сулејмани, кој утрово е убиен во американски напад во Ирак, е втор најмоќен човек во Иран, веднаш по ајатолахот Али Хамнеи.
Сулејмани се сметаше за креатор на иранските амбиции на Блискиот исток.
Исто така, како командант на моќната иранска елитна единица Сулејмани важеше за вистински ирански министер за надворешни работи кога станува збор за прашањето на војна и мир.
Општото мислење е дека бил главен архитект за војна на претседателот Башар ал Асад во Сирија, актуелниот конфликт во Ирак, борбата против Исламска држава и многу други битки.
Познат по тоа што во рацете имаше огромна моќ, командантот некои го почитуваа, а други го мразеле, а сигурно е дека околу неговото име се предеа митови.
Неговата смрт се смета за пресвртница во големата криза меѓу Иран, САД и нивните сојузници.
Се очекува ескалација и извесно е дека ќе следат чекори на одмазда што и онака веќе е немирен регион турнат на уште поопасен пат, оценува Би-би-си.
На чело на единицата Кудс, елитните сили на Иранската револуционерна гарда, беше од 1998 година.
И додека на почетокот на кариерата не се експонираше во јавност, авторитетот во иранскиот воен естаблишмент му порасна минатата година кога ајатолахот Али Хамнеи му додели најголем воен орден.
Тоа беше прв пат некој командант да добие медал од формирањето на Исламската Република 1979 година.
Оваа единица раководи со тајни операции во странство.
Токму затоа администрацијата на Трамп верува дека единицата Кудс е „главниот ирански механизам за поттикнување и поддржување“ терористички групи на Блискиот исток, вклучувајќи го и либанскиот Хезболах и палестинскиот исламски џихад – со финансирање, обучување и вооружување.