Шпанскиот фудбалски гигант Барселона сака во своите редови да го има голманот на Рајо Ваљекано и македонски репрезентативец Столе Димитриевски.
Според „Sport.es“, каталонсклиот клуб планира да го ангажира 28-годишниот Македонец во случај тимот да го напушти голманот Нето, кој сака повеќе минутажа.
Во тековната сезона, Димитриевски бранеше на 18 натпревари за Рајо Ваљекано и прими 18 гола, при што на шест средби ја зачува мрежата „сува“.
Од друга страна, Димитриевски за „pasionporelrayo.com“ вели дека нема никаква информација за евентуален трансфер во Барселона.
„Ваквите информации ме прават среќен. Тоа што некој покажува интерес за мене, значи дека добро си ја вршам работата. Јас сум концентрирам на моите секојдневни обврски, тука сум за да му помогнам на мојот тим. Немам никаква информација за евентуален трансфер во Барселона, а и не сакам да знам, бидејќи тоа може да ми влијае врз секојдневната работа. Јас сум мирен и сериозен човек. Денес се зборува за Барселона, утре можеби ќе се зборува за Атлетико Мадрид, поради тоа морам да бидам концентриран на Рајо. Морам да тренирам добро, да играм добро“, изјавил Столе Димитриевски.
Порталот „Transfermarkt.com“ ја проценува вредноста на играчот на 2,5 милиони евра.