Во видеото паушално се тврди дека различни серии од вакцината на „Фајзер“ имаат различен состав и дека од одредени серии има процентуално повеќе починати пациенти. Вакцината на „Фајзер“ е иста во сите држави, се произведува во контролирани процеси и од националните влади и од интернационалните регулатори и од самиот производител. Дополнително, ВАЕРС не смее да се користи како индикатор на смртност кај населението, или пак, како индикатор за опасност на некоја вакцина.
Вистиномер рецензира пост на Фејсбук во којшто се вели дека вакцините се „отров” и руски рулет во серии. Во постот е објавено видео на коешто неименуван извор кажува дека вакцините на „Фајзер“ се пакувани во различни серии. Според постот, сите дози во сериите не се со ист состав, па некои луѓе кои примаат вакцина добиваат посериозни несакани ефекти, а други немаат никакви несакани ефекти, што според логиката на авторот на постот, е доказ дека содржината на вакцините е различна иако е од истиот производител.
Само фајзер има илјадници серии, со различни дози, содржина, затоа некои, како да не примиле ништо, други се разболуваат или умираат, се вели во постот што го рецензираме.
Во видеото во склоп на постот од 2 минута и 30 секунда до 2 минута и 40 секунда неименуваниот извор вели:
Сериите вакцини не се контролирани, а докторите се користат за голем експеримент во којшто нешто испробуваат. Не знаат што испробуваат и зошто луѓето умираат.
Понатаму од 3 минута и 10 секунда до 3 минута и 15 секунда во видеото се вели:
Шансите се 1 на 200 да налетате на опасна серија. Играте руски рулет.
Од 3 минута и 34 секунда до 3 минута и 42 секунда се продолжува во истиот тон:
Глупавите доктори мислат дека на сите им даваат иста инјекција. Не е вистина. Злоупотребени се за големо испитување каде нема етичка комисија.
Како извор за сето ова се посочува ВАЕРС, американскиот систем за несакани ефекти пријавени после вакцинација. Како што „Вистиномер“ претходно пишуваше, тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС, не докажува причинско последична поврзаност меѓу несаканиот ефект и вакцината. Податоците внесени во ВАЕРС системот може да ги внесе секој и тоа без докази туку само со индиција, односно сомневање дека несаканиот ефект е предизвикан од вакцината. Опсежно на оваа тема прочитајте на следниот линк.
Дали навистина вакцините произведени од „Фајзер“ кои содржат различни сериски броеви, всушност, означуваат и различен состав на вакцината?
На следниот официјален линк на Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) се објавени сите состојки на вакцината „Фајзер“ .
Таа содржи месенџер рибонуклеидна киселина, липиди, соли и шеќери а не содржи презервативи, антибиотици, медикаменти, не содржи ткива од абортирани фетални клетки, желатин, или животински материјали, не содржи протеини од храна, метали или латекс.
Кога ќе се споредат овие состојки со состојките на „Фајзер“ вакцината објавени од страна на МАЛМЕД, македонската Агенција за лекови и медицински средства, се сфаќа дека станува збор за идентични состојки!
Фајзеровата вакцина е одобрена и од СЗО и од ЕМА и од американските регулатори за лекови. Таа во сите држави е со ист состав. Во клинички испитувања, 23 илјади луѓе над 12 години ја примија оваа вакцина и клиничките испитувања покажаа дека таа треба да се одобри, што и се случи во САД и тоа „Фајзер“ доби дозвола за трајна употреба. Од 11 декември 2020 година досега милиони луѓе ја примија оваа вакцина.
„Вистиномер“ во оваа рецензија ќе презентира два примера во коишто се гледа дека сериозни национални влади ги проверуваат сите до една серии на вакцините за нивната исправност и го контролираат квалитетот, покрај тоа што го прави и самиот производител „Фајзер“.
Овие контроли резултираат со проверки во национални лаборатории, а потоа вакцините добиваат свој сертификат за секоја издадена и прозиведена серија од којшто се гледа дека и националните регулатори во земјите каде се администрира вакцината, ги провериле и ги одобриле дозите за употреба пред да ги администрираат на своето население.
Првиот пример е со регулаторот за лекови на Австралија (Тherapeutic Goods Administration). Австралија независно го испитува квалитетот на „Фајзер“ вакцината прво со чекорот на издавање сертификат, а после тоа и со лабораториска проверка и тоа на секоја произведена серија на вакцина „Фајзер“ која што се администрира во Австралија.
За време на процесот на евалуација за регистрација, регулаторот за лекови на Австралија ги прегледува податоците за да потврди дека производствениот процес е добро контролиран и тоа одредува и колку вакцината ќе биде квалитетна и во идните серии. За да се осигура деак овие стандарди се задоволени, се испитува секоја серија вакцини доставена во Австралија. Пред да биде пуштена во употреба секоја серија мора да ги помине проверките кои се состојат во 2 чекори. Прво се разгледува документацијата што го опишува производствениот процес, како вакцината е направена, тестирана, дистрибуирана и чувана. Потоа се пристапува кон лабораториско тестирање од независна лабораторија која што е признаена од австалискиот регулатор за лекови според однапред утврдени стандарди, објаснуваат од ТГА.
Лабораториското тестирање се состои од низа тестови, вклучително и оние за идентитет, потенција, чистина, контаминација со микроорганизми.
На следниот линк може да се види дека сите досега администрирани вакцини од „Фајзер“ во Австралија, кои биле дистрибуирани во повеќе наврати на различен датум, го поминале ова тестирање и добиле сертификат!
Австралија не е единствената што ги прави овие проверки на секоја серија на вакцини од Фајзер ( и од секој друг производител).
Истиот процес го спроведува и Малезија.
На нивната официјална веб-страница објавени се сите серии вакцини што пристигнале кај нив, заедно со националните сертификати што ги добиле. Еве еден пример на таков сертификат со кој се потврдува дека фајзеровите вакцини од конкретната серија кореспондираат со националните стандарди за безбедност и ефикасност.