пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
„Шарените“
Шефицата и „ангелките“ ја прожектираа првата проекција од долгометражниот филм во најава, и на целата јавност покажаа како ќе се одвиваат работите понатаму, дека нивното заедништво, непоколебливост и решителност, колку и да е тешко, какви и препреки да им се појавуваат на таа патека, нема да ги разедини, да им ја скрши тупаницата на долгоочекуваната правда, дека нема да се откажат од намерата да ги поткрепат сите прислушкувани разговори со други материјални докази и сведочења за да против осомничените поднесат издржани обвиненија.
Скандирањата од европската и светската јавност, а посебно од трибините на домашната сцена беа заглушувачки. „Ангелките“ на македонската правда се родија. Храбри, елоквентни, решителни. Такви баравме, такви добивме. СЈО исфрли медиумски ѕвезди на големото платно на македонската правда. Ги сакаше камерата. Светнаа и со физичката појава, и со младоста, и со исклучително доброто познавање на својата работа. Шефицата, речиси преку ноќ, на целата јавност им сервираше комбинација од две стамени млади дами, преку кои ја најави неприкосновената борба со големите криминалци. Сите атрибути за успешност беа на нивна страна. Не беа сами. Покрај себе имаа колешки и колеги поискусни и поспремни, но, потегот овие две да го презентираат СЈО и сите во него, вклучувајќи ја и неа, беше потег на вистинско место.
***
Прес конференциите на СЈО без сомнение беа најгледаните ТВ емисии во тој период, период кога застануваа возилата на булеварите, автобусите во градскиот превоз, кога службеничките ги напуштаа шалтерите, чистачите прекинуваа со чистење, рударите со копање, берберите и фризерите ги оставаа ножиците, кога доручекот се одложуваше, затоа што се највила нова прес конференција на СЈО. Просторијата од каде се прожектираа овие проекции стануваше сé потесна. Два часа пред најавениот термин, новинарите и камерманите веќе беа тука. Целата јавност, и меѓународната, со нетрпение очекуваа да слушнат и видат што ќе кажат Шефицата и „ангелките“, додека една англиска продуцентка, пресреќна дека обезбедила согласност да снима документарец со одличен почеток, веќе работеше на филмот за „Чарлиевите ангелки“, за почетокот на работењето и атмосферата во СЈО, претпоставувајќи дека после овој маестрален старт, трката во лов на криминалците ќе има и таков продолжеток и таков расплет и таков крај. „Хепи ендот“ го најавија овие дами од оваа институција. Покажаа дека сите во СЈО стојат рамо до рамо, дека после овој сензационален почеток, не може да се очекува друг крај, освен, победа, а за Европа и светот, тоа ќе значеше уште еден голем успех на жените (Ковеши веќе беше позната), кои ја презентираат и практицираат неприкосновената борба со криминалот на луѓето во белите крагни, со пркос, самодоверба и огромна храброст.
***
СЈО, со сите нас во него, светна во јавноста како божиќна ѕвезда на небото. Се врати надежта, почна да се раѓа правдата. И не само заради тоа што ги „сакаше“ камерата, „ангелките“ беа до влакно јасни и разбирливи, неверојатно прецизни и брзи во одговорите на најразличните прашања од новинарите, точни и концизни, и без пардон беа прифатени како хероини. Цела Македонија ги положи надежите во нив, а преку нив во СЈО. Станаа симболи на правдата, амблем на СЈО.
***
После неколку месеци и неколку прес конференции, и на јавноста, а посебно на оние кои требаше да бидат гонети од СЈО, им стана јасно дека ѓаволот ја однел шегата, дека со овие нема да има шанса за каков било компромис, договор, разговор, местенки, корумпираност, дека овде станува збор за нешто сосема различно од начинот на спроведувањето на десегашната правда, дека на големите апаши не им преостанува ништо друго освен да бараат чаре како да го закочат, како да го дискредитираат, да го потценат СЈО. Богатите апаши, сé уште на власт, впрегнаа институции, медиуми, платени професори, преплатени новинари и папараци, и не штедеа ниту пари ниту време да дојдат до каква било ситуација, преку која ќе ги компромитираат Шефицата и „ангелките“. Шефицата едвај дипломирала со шестки, носела чипка на деколтето, дебела е ко „Гица прасица“ не знае да зборува, нема речник, нема знаење, оваа ли ќе брка правда, едната „ангелка“ играла оро во ресторан во Тетово, лумпувала, па ѝ аплаудирале во “Дебармаало“ кога влегувала во кафиќ, другата се палела на Аца Лукас и се веселела во кафулиња и дискотеки, пиела виски, пушела скапи цигари, носела скапа гардероба, сé до моментот кога од куќата на „генијалецот“ од Водно стаса дотогаш најглупавото можно решение од таа адреса за спас на луѓето кои треба да ги гони СЈО. Човекот кој изигруваше претседател ги помилува веќе обвинетите, и куп личности кои најверојатно според списокот кој му го доставила апашката „штабквартира“, повеќе од 50, дека се обвинети или потанцијално осомничени, сведоци и слични пред обвинение, за кои големите апаши знаеја дека ќе бидат можни мети на СЈО, овој, ја искористи позицијата и сите ги помилува. Дејствуваше според правилата на мафијата. Марионетата претседател беше присилен на ваков начин да реагира за да ги заштити веќе откриените апаши на државата, оние кои го поставија на таа позиција, и со тој глупантропско низок чин, крена револуција. Македонија се крена во одбрана на СЈО а против одлуката со која апла се заштитија најголемите апаши во историјата на Македонија, додека СЈО немаше кого да гони. Јавноста жестоко реагираше. Се родија „Шарените“, кои, секојдневно протестираа, дури, му ја запалија и канцаларијата во центарот на градот. Немаа намера да престанат сé додека не се исправи оваа глупава одлука на човекот кој изигруваше претседател во тој период.
***
Сите во СЈО ја примија пораката од најмеродавниот чинител, од граѓаните, за тоа каде се наоѓаат, каде тргнале, и дека само така треба да продолжат. Никој не можеше да им ги пресече крилјата на “ангелките“. Без разлика на помилувањата, СЈО продолжи да си ја турка добиената задача, на истиот начин како што почна, за под жестокиот притисок на „Шарените“, после два месеци, издејствуваат победа – Глупантропот беше притиснат да ја отповика сопствената одлука. Ова значаеше два месеци минус во времето на СЈО, два месеци плус во времето на апашите. Како и да е, битката на СЈО не смееше ниту да прекине ниту да застане, тоа го бараа жедните луѓе за правда, и после оваа наметната пауза тргнавме поосоколени и со многу поголема самодоверба и ентузијазам.
Правдољубивиот свет е со нас. Немаше поголема сатисфакција за сите во СЈО од подршката од таканаречените „Шарени“. Станавме страв и трепет за оние кои деценија и кусур беа страв и трепет за граѓаните. Се свртеа едрата во правецот на вистинската правда. Ништо повеќе не можеше да нé сопре на патот до целта: „И ќе вратат и ќе платат!“
Продолжува…
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.