пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Иако чувствата се лоши во ваквите моменти, се убедуваш дека овој свет можеш да го разбереш само ако решиш да бидеш во овие приказни. Можеш да бидеш пропагатор, обвинител, судија, свештеник, полицаец, учител, активист против мафијата, писател. Можеш да знаеш солидно да си ја извршуваш твојата работа, но тоа не значи неопходност, дека поради професијата, треба да бидеш дел од нив, односно, дека мораш да бидеш дел од овие приказни. Да бидеш во нив, а против нив, да навлегуваш во криминалните дувла, да се бориш против нив значи дека однапред прифаќаш да те трошат, да те ситнат, да те шиканираат и навредуваат, да те дискредитираат на секој можен начин. Прифаќаш, секоја твоја друга работа од секојдневието да биде пропуштена, занемарена, уништена. Си прифатил да влезеш во разобличување и борба со оние кои не ги бројат парите туку ги мерат. Да бидеш во нив, значи да ги имаш мапите од државите и градовите со сите нивни банкарски сметки, куќи, вили, јахти, преполни сефови со пари стекнати преку грабеж на државата, да ги знаеш кафеаните и хотелите каде се состануваат, плоштадите каде се собираат да го лажат наивниот свет, да знаеш кога кој со кого и за што потпишува договори, кој од кого бара, кој на кого му плаќа. Влегуваш во нив, во секоја нивна игра, во секој нивни потег, во секој нивни свет, и, како куче трагач ја намирисуваш секоја трансакција, секое сомнително дело, секој погрешен чекор со кој нанеле штета на државата, пред да ја фрлиш мрежата. Ти си решил да бидеш во нив, заради тоа што тие се единствената смисла за твоето постоење. Затоа си во оваа приказна. Заради ништо друго. Да ги немаше апашите, немаше да го има ни СЈО.
***
Во СЈО немаше несреќни луѓе. Таму немаше ненасмеани луѓе. Немаше ниту болни ниту разочарани. Во СЈО имаше луѓе од горе до доле, кои, уживаа во работата, и во дружењето, и во амбиентот, во сé. За сите и за сé, беше заслужна Шефицата. Во СЈО се вработуваа девојки и момчиња, возрасни и помалку возрасни, со едно кимање на нејзината глава и реченицата: „Утре нека дојде!“. Таа, тоа го правеше чисто и искрено, затоа што не само што сакаше да им помага на своите, на веќе одбраните луѓе во СЈО, туку, затоа што веруваше безгранично и се надеваше дека со тие потези ќе ѝ биде возвратено со пожртвуваност, исполнителност, лојалност, со доверба. Со максимална доверба. Во СЈО се вработија, ќерки, синови, братучеди, девојки и дечковци, сопруги и сопрузи на нејзини блиски соработници, роднини, пријатели, познајници и слично. После две години веќе беше трка и фрка како да се дојде до Шефицата за да се добие работно место таму. Најверојатно само таа знае колку и од каде ѝ се јавувале за да ургираат за вработување.
После првата прес конференција на трите грации, на ФБ добив порака со следнава содржина: „Најпринципиелно Ве поканувам во просториите на СЈО, за лично да Ви се заблагодарам за подршката која ја правите на ФБ!“
***
По речиси два часа муабет, во кој, ми ја раскажа нејзината верзија за тоа како, длабоко во ноќта во Клубот на пратениците таа била избрана за прва дама во новото СЈО, и со стуткани алишта во малиот куфер тргнала од Гевгелија за Скопје, ме праша: „Ти што работиш?“, ѝ реков дека ништо освен што се глупирам на ФБ. Веднаш ми рече, „Ќе работиш кај мене, овде!“, џ’нннг. Сите скопски камбани ме акнаа, додека оџите ми вретеа околу главата како околу минарињата на скопските џамии и како биљбиљи ми ја испраќаа пораката која тукушто ја слушнав од првата дама во СЈО – „Ќе работиш овде, кај мене!“, можно ли е, се прашував. После куса пауза, таа вкочанета со онаа нејзина позната насмевка, јас очигледно шокиран ја погледнав и реков: „Ај повтори уште еднаш?“, и повтори, без трошка сомнеж или колебање, задршка. „Брзо ќе ти пишам кога да дојдеш и да почнеш со работа!“ Чекај, повторно ѝ се обратив. Некни наполнив 60 години, имам свидетелство за средно техничко образование, електро техничар слаба струја, осудуван сум и имам издржано затворска казна од 12 месеци, башка, не сум некој омилен сурат на власта во денешниве медиуми. Ме гледаше фиксирано, продолжи да се смее, и рече: „Сé знам, ништо не ми е пречка за да те вработам!“ И тоа беше крај на таа приказна, крај, кој го означи светлиот завршеток на мојата работна кариера и секако, почеток на оваа приказна. Ми недостасуваа последните 4 години за стекнување старосна пензија, и сега, ја добив шансата баш тие 4 години да ги поминам во најбараната и најценетата институција во државата. Немаше посреќен човек во тој момент.
***
Пресвртот се случи откако ме прими, а го забележав веднаш, кога ме испрати да ги надгледувам завршните работи во новиот објект каде што требаше да се пресели СЈО, на Рузвелтова 34. Набргу после таа нејзина одлука, сé поочигледна беше дистанцата, незаинтересираноста за мене, и од подржувач „љубимец“ на Шефицата, искрен симпатизер на СЈО, станав непожелен. Добивав задолженија да ја поставам оградата позади објектот, да ги демонтирам старите да ги монтирам новите полици во подрумските простории, да ги молерисувам истите, да истоварам материјали за потребите на институцијата, да ги менувам големите шишиња за вода во четирите ладилници распоредени низ СЈО, да ги собирам јапонските јаболки од дрвото во нејзиниот двор во Козле, да ги чистам тревниците и снегот, и други слични ангажирања. Ништо не ми беше тешко. Еднаш, во канцаларијата на Дамата со кесите, ме праша, не ли ти смета ова што го работиш, реков: „Можеш да ми наредиш да се обесам долу во подрум! Ти си мојот спас, а работиве што ги извршувам овде воопшто не ми пречат!“ Иако ми беше најавено дека ќе ме прими како лице за технички услуги во СЈО, од утредента, бев прераспределен на работно место доставувач. Најверојатно тогаш ѝ стана јасно дека не само што не може да ме натера да се откажам, туку дека погрешила во проценката за мене и мојата лојалност кон неа и кон СЈО. Но, озборувањата, кочниците и казнувањата за мене не престанаа тука.
***
Прес конференциите и во СЈО се одбележуваа на свој начин. Вообичаено, после секоја, во кабинетите на обвинителите чиј предмет бил тема на таа прес конференција, се собираа сите за да си честитаат. После една таква прес конференција влегов во кабинетот на мојата симпатија. Ѕирнав од вратата, и штом ме виде, ме повика да влезам. Тука веќе беа повеќето од нејзиниот тим, како и една од “ангелките“ презентерки на нејзиниот предмет. Ги замоли останатите да замолчат, за да ме праша нешто. Рече, „Боки, што мислиш, кој е позаслужен, позначаен во овие прес конференции, оние кои го презентираат предметот или оние кои истиот го сработиле?“
***
Ми стана симпатија и така продолжив да си ја нарекувам откако ми рече: „Боки, јас и ти сме идеален пар во СЈО, мене не ми се сака тебе не ти се може, поидеален здравје?“, се изнасмеавме гласно иако не знаев од каде знаеше дека не ми се може, освен податокот за кој брзо разбравме дека сум најстар, мислам, највозрасен член во семејството СЈО. Се гушнавме, а тоа што за мене беше важно во тој момент беше фактот дека мојата симпатија е во добро расположение. Уживаше да ми држи лекции, јас уживав да ја слушам: „Боки, ти не знаеш какви услови за работа имаат доставувачите во другите обвинителства, ама јас знам. Одат пешки, со велосипеди, со автобуси на градски. Ти имаш луксузно возило на располагање, а имаш и возач, за месечните примања да не правиме муабет, и тука не смее да има оставање покана во сандаче, нема предадена покана на член на фамилијата, на сосед, нема не ја најдов странката. Утре, овие покани сакам да ми ги вратиш лично потпишани од луѓево кои ги барам!“, и ми ги предаде. Погледнав, ги читав имињата и презимињата и на секоја се смешкав и си шепотев, „Карма ис а бич, Боки!“ Километри реченици изнапишани против секој од овие имиња и презимиња на поканиве, вагони “изедени трици“ во оние мои таканаречени колумни кои редовно се објавуваа и во печатени и во електронски медиуми, ги имам сочно пцуено и навредувано заради апашлукот, тие добро знаат кој сум и што мислам за нив, јас ги знам нив, и ете, сега, по службена должност ќе мора да се погледнеме в очи, да се видиме, да им доставам покана од СЈО. Еј, Боки Бургија мора да се соочи со сите овие за кои има изнапишано романчиња со најпогрдни зборови заради нивниот начин на владеење и да им го покаже патот до СЈО. Така им се наредија планетите, така им било пишано. И мене и ним. И тамам си реков, добро е, газиме супер, јавноста нé сака, нема да помине многу време кога ќе засмрде токму од ова ќоше на катот, а на некој начин се најави после оноа, за мене, предупредувачко прашање од страна на мојата симпатија.
***
Му ја препознав целта, ја препознаа и сите присутни, и не размислував многу како ќе ѝ одговорам, сериозно и со очигледна намера одговорив со прашање: „Обвинителкте, дали сте ја слушнале песната “Долга ноќ“ во изведба на Маргарита Христова, беше прогласена за најслушана песна од Макфест 1989 година?“ Не, рече, додека во меѓувреме еден од “ѕверовите“ истражители во нејзиниот тим ја побара песната на неговиот мобилен на јутјуб и ја пушти. После првите звуци, сите, па и мојата симпатија се зачудија и брзо реагираа. Симпатијата рече, „Па оваа ми е една од омилените песни од Макфест, ја пее онаа битолчанката, како не ја знам!“, и пак прашав, а знаете ли кој е авторот на музиката и текстот? Молчеше, не знаеше, а момчакот кој ја пушти песната, рече, „Боки е авторот обвинителке и на музиката и на текстот!“ Штама. Верував дека ме разбра.
Стравував токму од појавата на овие суетни реакции, но, не верував дека ќе дојде период кога ќе надвладеат. Работите си течеа во нагорна линија, јавноста беше на наша страна, имавме ТОП презентерки, а сите услови за продолжување со истото темпо во работењето, за сите во СЈО беа исполнети до совршенство. Тимската работа зрачеше од секое ќоше. Никој немаше причина да се однесува непрофесионално и непосветено. СЈО, за сите вработени, нудеше сé што во многу други слични институции се граничеше со сон, и на некој начин, сите шанси за манипулација, непрофесионално извршување на обврските беа закочени.
Продолжува…
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.