Италијанската премиерка Џорџа Мелони проговори за ширењето на лажни, „дипфејк“ (deepfake) фотографии направени со вештачка интелигенција, меѓу кои и една на која е прикажана во долна облека, откако сликите масовно се проширија на социјалните мрежи.
Мелони се огласи на својот Фејсбук профил за да ја осуди манипулацијата, претставувајќи ја како форма на сајбер насилство и предупредувајќи за опасноста што оваа технологија ја претставува за обманување на јавноста и нанесување штета на поединци, пренесува Nova.rs.
„Последните денови кружат неколку лажни мои фотографии, генерирани со помош на вештачка интелигенција, кои дел од моите ревносни противници ги претставуваат како вистински“, напиша Мелони. Таа иронично прокоментира дека оној што ги направил сликите „дури прилично го разубавил мојот изглед“, но нагласи дека останува фактот оти луѓето сега се подготвени да користат апсолутно сè за да напаѓаат и шират невистини.
Премиерката ја сподели генерираната фотографија на која наводно е во долна облека и седи на кревет. Оваа измислена слика стана вирална, предизвикувајќи бројни реакции од корисници кои поверуваа во нејзината автентичност, при што некои коментираа дека е „срамно“ и „недостојно за функцијата што ја извршува“.
Мелони истакна дека проблемот оди подалеку од неа како јавна личност.
„ Deepfake содржините се опасно оружје бидејќи можат да измамат, манипулираат и таргетираат секого. Јас можам да се одбранам. Многу други не можат. Затоа секогаш треба да важи едно правило: проверете пред да поверувате и размислете пред да споделите нешто. Денес ми се случува мене, утре може на било кого“, порача таа.
Борбата против ризиците што ги носат вештачката интелигенција и дипфејк содржините е еден од клучните делови на програмата на десничарската влада на Мелони. Минатиот септември, Италија стана првата земја во Европската Унија која усвои сеопфатен закон за регулирање на употребата на вештачка интелигенција. Овој закон воведува затворски казни за оние кои ја користат технологијата за нанесување штета на други, вклучително и создавање дипфејк содржини, како и ограничувања за пристап на деца.
Владата на Мелони соопшти дека законот, усогласен со клучниот Акт на ЕУ за вештачка интелигенција, претставува одлучувачки чекор во обликувањето на начинот на кој ВИ ќе се развива и користи во Италија. Усвојувањето на законот следеше по скандалот со порнографска веб-страница која објавуваше монтирани фотографии на познати Италијанки, меѓу кои Мелони и лидерката на опозицијата Ели Шлајн, што предизвика големо огорчување во земјата. Италијанската полиција тогаш ја затвори страницата, а обвинителите во Рим покренаа истрага за повеќе кривични дела.
Редакција Фронтлајн
Прочитајте и…






