Жак Брел
Најнапред…
Најнапред е најстариот син,
тој што е к’о лејка,
што има голем нос,
што не си знае ни име, господине,
дотолку пие
или пиел,
што ништо не пусти
со своите десет прсти,
што не може да брои до пет,
дотолку е дамлосан,
а си мисли дека е цар на цел свет,
секоја ноќ се толчи
со лошо вино,
што го наоѓаме в зори
во црквата што молчи,
стврднат како камен,
блед како велигденски пламен,
па пелтачи
и окото му штрчи,
мора да се каже, господине,
дека кај тие луѓе
не се мисли, господине,
не се мисли,
се моли.
Па тука е и другиот,
со моркови во коса,
што чешел нема видено,
зол како ѓавол во збиено,
што би дал и кошула
на кутри среќници.
Што се ожени со Дениза,
една девојка од градот,
всушност, од еден друг град,
и тоа не е сè,
си вртка бизнис во низа
со шеширчето,
со мантилчето,
со автомобилчето,
што сака да личи,
ама на ништо не личи,
не треба да се глуми чорбаџија,
кога се нема ни за чорба!
Мора да се каже, господине,
дека кај тие луѓе
не се живее, господине
не се живее,
се мами.
А има и други:
мајката – што не кажува ништо
или тропа било што,
и од ноќта до утрото си ќути
под убавото лице апостолско,
а во дрвената рамка
е мустаќот на таткото,
мртов оти се лизнал на сламка
и ја гледа својата група
како срка ладна супа,
па се слуша само силно:
хшрлуп, хшрлуп.
И старицата е тука,
уште дише празно,
а сите чекаат да издише,
оти таа го чува сето азно,
и никој не ја слуша
дури прстенцата
ѝ пукаат напразно,
мора да се каже, господине,
дека кај тие луѓе
не се збори, господине,
не се збори,
се брои.
И…И…И!
Тука е и Фрида,
убава како сонце,
што ме љуби онака,
како што јас ја сакам,
дури и често си велиме тука
дека ќе имаме куќа,
со една купа прозорци
и речиси без ѕидови,
дека ќе живееме во неа
и дека ќе ни биде топло
уште под стреа,
и ако не е сигурно,
барем е можно,
оти другине нејќат,
другине нејќат.
Другине велат
дека е преубава за мене
и дека мене ме бива
само за мачки да убивам.
Јас никогаш не сум убил мачка!
Или можеби одамна,
или веќе не памтам,
или од мирисот им патам,
но ете, другине нејќат.
Понекогаш, кога се гледаме,
глумејќи дека е случајно
и со влажни очи
ми вели дека ќе замине тајно,
дека ќе ме следи,
тогаш за миг,
само за момент ѝ верувам, господине,
оти кај тие луѓе, господине,
кај тие луѓе,
не се заминува,
не се заминува,
не се заминува…
Но, доцна е, господине…
Треба да си одам
дома…
Избор и слободен препев: Тања Кармзова Костиглиола
Жак Брел (1929-1978) е белгиски автор, композитор, режисер и уметник.