„На 30-годишнината од воспоставувањето од дипломатските односи, можеме да бидеме горди на сето она што го постигнавме во рамките на одбранбената соработка, која може да послужи како пример за тоа како треба да соработуваат две пријателски и сојузнички земји како Северна Македонија и Словенија“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со амбасадорот на Словенија, Милан Предан.
Министерката Петровска порача дека меѓусебната доверба може да се види и преку силната поддршка која Словенија ни ја дава во областа на кризниот менаџмент и програмата „Берово“ именувана според најпогоденото подрачје во пожарите, за чие справување добивме брза реакција и помош од Словенија. Оваа програма предвидува понатамошна размена на искуства и експертиза за подобар кризен менаџмент.
Честитајќи и ја функцијата на министерката, амбасадорот Предан порача дека Словенија останува посветена на развојот на одбранбените односи со Северна Македонија.
Северна Македонија и Словенија во изминатите години заеднички реализираа голем број вежби меѓу кои и вежбите „Adriatic Strike“ во Словенија и серијата вежби „Предизвик“ на армискиот полигон „Криволак“. Вежбата „Предизвик“ која вклучува гаѓања на цели во воздушен простор со ракетен систем „ИГЛА“ оваа година планирано е да се реализира наесен на полигонот „Криволак“.
Двете земји заедно и активно придонесуваат и во Балканските наменски медицински сили, и тоа со полска болница Ниво 2, – капацитети кои се дел и од Армијата на Република Северна Македонија и од Словенечката војска.








