Додека Владата, синдикатот и работодавачите бараат решение околу минималната плата за работниците која според ССМ треба да биде најмалку 18 000 денари а според граѓаните и повеќе во ВМРО-ДПМНЕ постои разногласие околу ова прашање.
Имено, спротивно на поранешниот министер за финансии Трајко Славески од ВМРО ДПМНЕ, кој се противи на идејата на ССМ за зголемување на минималната плата на 18 000 денари, неговиот лидер Христијан Мицковски е за линеарно зголемување на сите плати. Тој во интервју на Канал 5 изјави:
„Тоа е една чудна непопулистичка од една страна приказна, од друга популистичка. Синдикатите велат минимална плата 18 илјади, работодавачите велат тоа нема да го издржиме ќе ги завршиме бизнисите. Но, суштинскиот проблем е дали ако имаме ние минимална плата од 18 илјади денари ќе ги нивелираме сите останати плати нагоре. Тогаш сме „за”. Ако ние потоа ги нивелираме сите останати плати линеарно на ова зголемување, тогаш сме за, затоа што сите работници треба да го остварат тоа право,“ изјави Мицковски.
Очигледно ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе треба да заземе унисон став во пресрет на 10-ти февруари кога законот ќе се најде пред пратениците. Ваквиот несериозен однос во опозициската партија отвори сомнеж дека тие воопшто не расправале за ова прашање со минималната плата, кое со недели е актуелно во јавноста, но и дека внесуваат паника кај работниците, кои очекуваат поддршка и од ВМРО ДПМНЕ. Да потсетиме дека оваа партија десет години не сакаше да има зголемување на минималната плата, па таа цела деценија остана на 9.500 денари. Тогаш Славевски, како дел од гарнитурата на Никола Груевски, имаше влијание на финансиско- економските текови и беше против зголемување. Истото го демонстрира и денес.
Д. Е.