Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Комунистичките Македонци беа висока аристократија за денешното просташтво.
Недостижно ниво за кретенлакот како својство кое сега ѝ дава тон на целата заедница.
Очекувано за сите кои ги знаеја преродбеничките потенцијали, намери и мисии на Внатрешната антимакедонска контрареволуционерна инсталација која триесет години се легитимира и работи со фалсификувани документи на име вмро-дпмне.
Војводи и грофови на пристојноста, културата и духот, беа возачите на автобусите, полицајците и портирите во цека, да не правиме муабет за учителите и учителките, касиерките и шалтерските луѓе и членовите на највисоките партиски и државни тела во времето на СРМ.
Делегатите во Собранието беа доктори по политички науки и по сета друга култура, знаење и посветеност.
Хахаха!
Да живееја во услови на техничко-технолошките остварувања во кои живееме денеска, Македонија ќе беше Фиренца на духот, уметноста и културата.
Но, и без тоа комунистичките Македонци го достигнаа максимумот што го дефинираат генетските и културолошки потенцијали на овој народ.
И малку над тоа.
Тајната беше во тоа што во времето на Југославија, Македонецот не беше само свој, тој се глумеше себе си.
Како Македонец.
Низ таа глума тој се облагородуваше.
Стигнуваше до нивоата до кои не би стигнал во својата сирова димензија.
На елементарен Македонец.
Државноправниот статус и широкиот културен контекст, се разбира и владејачката идеологија, сосе носителот на звукот на лонг-плејката на Сојузот на комунистите, со сите ограничености и можности, го извлекоа најдоброто од нашиот човек.
Драмата почна во моментот кога Македонецот разбра дека независноста му овозможува да престане да се глуми себе си.
Дека е доволно, дури дека е добро, да биде тоа што е.
Сиров, непреработен, нерафиниран, ладно цеден, Македонец.
Македонец во природна состојба.
Екстрадевичански Македонец.
Инфантилен, наивен, глуп, а амбициозен.
Свој на своето.
Неверојатна комбинација.
Ова, се разбира, не е апотеоза на комунизмот, туку критика на неолиберализмот деформиран во клиентелизам, корпоративизам и индивидуализам, но не индивидуализам како ослободувачки отклон од колективизмот, туку како систем кој во демократијата по дефиниција ги фаворизира, мобилизира и факторизира глупаците.
Македонството се претвори во платформа на ритуалното самоизмачување и самоубиствени интенции, а независноста како потврда за неуспехот, да не речеме, поразот, на македонскиот национален и државен проект.
Настојувањата и надежите дека комунистичката Македонија со вмро ќе ги оствари националните идеали беше истозначно со надежите на галебите, орлите и јастребите, дека можат да станат тироносауруси и птеродактили.
Се разбира дека во целата калварија има и други импути, но ова со вмро е израз на вонвременската, вселенска интенција на Македонецот кон сопственото ништо како слобода.
Како страст кон смртта.
Никако поинаку не може да се разбере опстојувањето на оваа гомно на македонската маса за ручање.
Како главен експонат во македонската галерија на примитивата.
Со очекувањата дека една ординарна будала ќе го спаси.
Христијан се вика во моментот, но може да се вика и Александар.
Или Трпе, Марјан, Велко, Антоњо.
Се мобилизираа и факторизираа сировите Македонци кои отсекогаш си беа такви, во комунистичката позадина, но, од глумата и театарот решија да се ослободат и таканаречените умни глави, тие се спуштија од високите катови на ученоста во приземјето на приземноста.
Професори, професорки, доктори и магистри, рекоа дека повеќе нема да глумат и дека ќе се сведат на себе си.
На лагата за себе.
Тоа е што го имаме денеска.
Ванковска, Коцарев, Сузана, Ќулафкова, Калајџиев, Пендаровски, Црвенковски, Кикифрики, Милчин, сведени на себе, на својата елементарност.
Монини на духот.
Слушам дека се во преговори со Мартиник, карибјаните да побараат Македонија да ја избрише првата буква од своето име во замена за можноста овие професионални Македонци, идиоти во суштина, да продолжат да ја бранат.
Македонија.
Хахаха!
Фуко на времето викаше дека не е време да се прашуваме кои сме туку да му речеме не на тоа што сме.
Феноменално.
А Гомбрович бараше другари со кои ќе ја играат улогата на мојсеи кои, ќе го извадат Пољакот од самиот себе.
Јас се обидувам таа доктрина да ја применам на Македонците.
Секое утро во огледалото го гледам Мојсеј.
Знам дека ќе звучи нескромно и, можеби, будалесто, но тоа е знак дека сум во право.
Хахаха!
Замислете каква енергија, каква позитива, каков елан и талент ќе се ослободи во ослободувањето на Македонецот од себе.
Во процесот во кој ќе престане да биде само Македонец.
Кој го брани својот идентитет.
Без да го гради.
Преговорите со Бугарија се шанса да излеземе од ропството на македонизмот.
Не за да престанеме да бидеме Македонци, туку за да бидеме.
Само малку памет и храброст се потребни.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.