Подигнување на јавната свест за потребите на децата со нетипичен развој, нивна целосна инклузија во општеството почнувајќи од образование, здравство, вработување, како и подобрување на социјалниот живот и стекнување на животни вештини за осамостојување се дел од активностите на новата Фондација „SWEET SUPPORT FOUNDATION“. Фондацијата која што беше најавена пред само една недела е во фаза на регистрирање, а ја предводи Сезен Цаноска. „SWEET SUPPORT FOUNDATION“ ќе се фокусира да им обезбеди бесплатна советодавна правна и психолошка помош на сите семејства кои што имаат деца со нетипичен развој, да ги охрабри и поттикне семејствата отворено да зборуваат за предизвиците, да помогне во зајакнување на соработката со институциите, со цел да им се обезбеди нивно активно вклучување во сите општествени сфери.
Претседателот на Фондацијата, Сезен Цаноска веќе ги превзеде првите чекори кон реализација на целите на Фондацијата преку остварување на средба со претставникот на Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“, Ребека Јанковска Ристеска, како и со Зоран Кардула, македонски уметник, сликар, графичар и дизајнер, кој во јавноста е познат како родител којшто отворено зборува за проблемите со кои се соочува неговото аутистично дете во нашето општество. На средбата, Ребека Јанковска Ристески зборуваше за неопходноста од инклузија на децата со нетипичен развој во образованието, потребата од организирање на работилници за децата и за родителите, истајкнувајќи ја притоа важноста на социјалниот живот за сите страни.
Во наредниот период, „SWEET SUPPORT FOUNDATION“ ќе остварува средби и со останати здруженија и родители на деца со нетипичен развој, како и со претставници од релевантни институции, стручни лица, невладини организации и амбасади, со цел сите заедно да се вклучат во креирање на долгорочна национална стратегија за помош, поддршка и подобрување на условите за развој на овие дечиња.
Оттука, од исклучителна важност, според Цаноска ќе биде отворањето на дневни центри каде ќе се реализираат секојдневни едукативни, спортски и забавни активности за децата. Во овие центри, децата ќе бидат под постојана грижа и надзор од страна на обучен и посветен персонал, а родителите ќе добијат слободно време за социјализација. „SWEET SUPPORT FOUNDATION“ ќе иницира организирање на летни школи и кампови за децата со нетипичен развој, со задолжителна вклученост на родителите. Од друга страна, ќе се организираат и обуки за животни вештини, кои на децата ќе им помогнат за нивно осамостојување.
Во оваа насока, од исклучителна важност е соработката со основните и средните училишта, општините, надлежните министерства и останатите институции во државата со цел елиминирање на сите бариери со кои што се соочуват децата со нетипичен развој. И најмалата иницијатива, предлог или конкретно решение е чекор напред за сите, вклучително и за самата држава.
За реализирање на дел од предвидените активности „SWEET SUPPORT FOUNDATION“ ќе го искористи кадровскиот потенцијал на експерти од различни области од Американскиот Универзитет на Европа-ФОН, кои што со своето знаење и искуство можат активно да се вклучат во креирање на политики или предлог решенија за целосна инклузија на децата со нетипичен развој.
„SWEET SUPPORT FOUNDATION“/ МИА