За 100 дена градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, како што се пофали вчера Христијан Мицкоски, имале 1.090 проекти од кои 166 капитални, нови булевари, паркови, водоводи, асфалтирани улици. Збирот на прикажаните податоци од официјалната објава на Фејсбук страницата на ВМРО-ДПМНЕ не е 1090 туку е 880 проекти, ако воопшто се ѝ толку.
Опседнатоста и манипулацијата на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ со бројките на проекти влече подолга историја.
Мицкоски за сто дена многу подобар од Груевски за три години?
Во 2014 година на официјалната страна на Владата поточно на 16.3.2014 во 18:51 објавено е соопштение каде што пишува дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „За подобра Македонија“, за три години реализирале 1009 проекти.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски денеска го презентираше Отчетот за работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „За подобра Македонија“, кој содржи елаборација на 1.376 проекти, од кои 1.009 се реализирани, 329 се во тек, кои заради факторот време и предвременото распуштање на парламентот не се сè уште реализирани, и 38 проекти, мерки кои се ветени, но не се реализирани“, пишуваше во тогашното соопштението.
Како ВМРО-ДПМНЕ се расфрла со бројките на реализирани проекти може да се забележи од тоа што Никола Груевски, се пофали во својот отчет за 100 дена Влада во 2014 година, каде реализирал само 116 проекти, што е за 10 пати помалку од неговиот ученик Мицкоски.
„За само 100 дена целосно реализиравме 116 проекти од вкупниот број предвидени во програмата, a други 554 проекти почнаа да се рализираат и се во тек. Тоа се вкупно 670 проекти што се целосно спроведени или во тек е нивна реализација“, рече премиерот Никола Груевски во отчетот за сработеното во првите 100 дена од работата на владиниот кабинет.
Мицкоски за 3 месеци 1090 реализирани проекти, Груевски за три години 1009 реализирани проекти.
За колку пати „неприкосновениот“ Мицкоски го надмина неговиот ментор Груевски во „реализација“ на ветените проекти?
Најважното прашање е – колку овие објавени бројки се реални?
М. А.