Пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА
Кажувањето ‘те сакам’ одамна е ултимативниот знак за сериозност во раната фаза на романтичните врски. Меѓутоа, во последните децении, подемот на ‘врска без (об)врска’ или situationship, ја издолжи фазата на запознавање, притоа издигнувајќи на пиедестал нова комбинација од два збора во пантеонот на врските и дијалогот. ‘Што сме?’ не е само почеток на посветеноста. Тоа е прашање со сложени и преплетени мотивации и резултати. Многумина од нас со задоволство го избегнуваат целосно, претпочитајќи слобода и автономија на недефинираност. Но, за оние од нас кои сакаат титули и јасно дефинирани термини, тие два мали збора тропаат на влезната врата на нашата нетрпеливост, проткајувајќи ги нашите средби со вознемиреност што го руинира уживањето. Позитивното исчекување кое некогаш нè поттикнуваше може да се префрли во негативно исчекување, небулозен однос и чувство на чекање декорирано со стравот дека можеби, сè ќе заврши пред навистина да започне.
Врските без обврски е тешко да се дефинираат, а уште потешко да се преболат. Многумина од нас се грижат дека прераното поставување на прашањето ‘што сме?’ би можело да ја уништи разиграната, лесна природа на љубовта во зародиш и притоа истото да доведе до непријатен крај. Но, тоа не мора да биде така. Без разлика на тоа дали сакаме да го задржиме статусот кво, или сакаме повеќе испреплетена посветеност, дискусијата за ‘што сме ние?’ е интегрален дел од создавањето заедничка реалност со здрави граници и очекувања.
Во последно време често прашував и се запрашував; Зошто ‘што сме?’ претставува табу и зошто помислата на ова прашање кај нас буди непријатни чувства?! Зошто го перципираме ова прашање како знак на слабост и нетрпеливост на оној кој го поставил?
Кога врската е реална, а хемијата длабока, голема е веројатноста двајцата да го сакаме истото. Тогаш зошто, сепак, оваа тема е толку озлогласена а иницирање на истата е потешко од зборување за преференци на конзумирање порнографија?! Затоа што во таа рана фаза, незнаењето може да носи своја магија (Има причина зошто книжевниот и кинематографскиот заплет „ќе се случи нешто меѓу нив или нема да се случи?“ опстојува сите овие години). Кога нема експлицитна посветеност – нема донесена одлука за сериозно наспроти случајно – сите опции се можни. Секој момент поминат заедно е избор, а не обврска или очекување. Двосмисленоста може да нè преплави со возбуда пред изненадувањето, но истата може да донесе чувство на несигурност. На некои од нас им се допаѓа тоа, на некои од нас не.
Сите знаеме колку брзо таа возбудлива двосмисленост може да стане „цврста двосмисленост“, во која ја имаме удобноста на конзистентноста доволно за да не се чувствуваме сами, но не доволно за да бидеме посветени или да изградиме интимност. Овој модел на ‘задржување’ може да биде како чистилиште на врската, особено за оние од нас кои можеби сакаат потрадиционална врска сосредоточена кон јасни етикети, обврски и фази како што се брак, раѓање деца, купување куќа итн. Тоа се сосема нормални желби. Но, тоа не е она што сите го посакуваат.
Деновиве, работите се драстично променети од оние времиња кога идентитетот на нашите баби и дедовци, небаре им бил предодреден. Луѓето денес стапуваат во брак во просек 10 години подоцна во споредба со претходните генерации. Денес, во врската внесуваме делови од нашиот индивидуален живот без истото да биде условено со разни обреди и потпишани документи. Денес, можеме да сакаме некого а истовремено да не посакуваме комбиниран живот со партнерот. Можеме да сакаме некого но да преферираме работите да ги одржиме лежерни. Можеме да сакаме да бидеме со повеќе личности истовремено. Она што важи за секој однос и помага при истиот е да се почитува она што секој поединец го сака и претпочита… а за тоа е потребен разговор.
Модерната љубов доаѓа во многу облици и варијанти. И, ако не вокализираме која форма ја сакаме, нѝ останува да претпоставуваме дека двајцата ги сакаме истите работи. Преку тој објектив може да се случат многу недоразбирања и последично – разочарувања. Прашувањето ‘што сме?’ не е само дефинирање на врската; тоа подразбира и дискусија за моногамијата, полиаморијата, семејните структури, спојувањето на животот, децата, амбициите за кариера, временските рамки и многу повеќе. Тоа е голем притисок за врска која е на почетокот. Но, ако сакате да знаете зошто прашањето ‘што сме ние?’ претставува табу, тоа е затоа што овие скриени слоеви се лелеат околу нашите потреби и желби, нашето минато и нашата иднина. Затоа овие два збора прават да се чувствуваме ранливо. Дел од магијата на врска во раните денови е способноста да се преправаме дека ништо од тоа не постои; уживаме во тоа што сме присутни во моментот. Можеби треба овој период да го наречеме ‘меден месец’, наместо 7-дневниот одмор во Турција после свадба. Понекогаш, тоа е единствениот дел каде што можеме да доживееме таков вид на слобода и уживање. Кој би сакал да се откаже од тоа?
‘Не се обидувам да ставам етикета на ова, но…’
На сите ни треба слобода и на сите ни треба безбедност. На некои од нас им треба повеќе од едното отколку од другото и сакаме да го добиеме тоа од нашата врска. Личноста на која и треба повеќе слобода може да избегнува етикети, додека личноста на која и треба поголема сигурност може да чувствува дека врска без етикета би ја нарушила нивната самодоверба и самопочит.
Ако тоа што го сакаме е ‘етикета’, нема потреба да се преправаме поинаку. Етикетите создаваат јасност и сосема е нормално да сакаме да го наречеме оној што го сакаме наш партнер. Ако сакаме да ја претвориме врската без врска во цврста врска – а особено ако сме заинтересирани за долгорочно партнерство – прашањето ‘што сме?’ е неизбежна почетна точка. Почитта кон нашите преференци и желби како и комуникацијата што следи може да нѝ каже многу за тоа каква би била другата личност во улога на посветен партнер.
Она што треба да го имаме на ум, дури лутаме низ овој магловит предел, е дека на крајот од денот, дури и ако сакаме да станеме сериозни, тоа не значи да заборавиме да бидеме игриви. Мојот другар на својата (сегашна) девојка и рекол: ‘Ај да си дечкосуваме и женскосуваме?!’ во момент кога бил сигурен дека сака да биде во врска со девојката, а притоа интуицијата му велела дека и таа се чувствува исто. При поставување на прашањето ‘што сме?’ не смееме да дозволиме задржувањата, стравовите или желбите на една личност да ги диктираат нашите потреби. Исто така, не можеме да дозволиме нашите желби да ги диктираат нивните. Затоа, потребно е да зборуваме.
Ако одговорот на ‘што сме?’ има разочарувачки исход, нокаутирањето на нашето его може да биде исто толку болно како и губењето на нашата замисла за тоа каква би можела да биде врската – или она што мислевме дека веќе е. Важно е да се запамети дека луѓето што ги сакаме не се нужно истите луѓе со кои можеме да креираме живот. Животните приказни не се исти како љубовните приказни. Тоа е различен сет на состојки, различни аспирации, склоп на околности и влијанија од минатото. Без разлика на сè, фер е да ги извадиме картите на маса. Никој не сака да си го губи времето (а ни срцето) залудно.
Во спротивно, ако одговорот на ‘што сме?’ е взаемно задоволувачки, ако сме на иста фреквенција, ќе ни биде мило што го започнавме разговорот.
А, ако оваа тема кај вас буди несигурност, ако мислите дека партнерот не би бил среќен со поставување на прашањето составено од овие два збора, ако се залажувате со тоа дека е уште рано иако тоа прашање веќе некое време ви го грицка спокојот… тогаш можеби е подобро да почнете од прашањето ‘Дали вреди?’. Понекогаш одговорот на овие два збора ќе нѝ го одговори и прашањето ‘Што сме?’.
Врските не се камен што одлучуваме да го собереме од патот. Тие се како леб; потребно е секој ден да се разбудиме и да се потрудиме околу истиот. Да подготвиме и испечеме топол и мек, за да бидеме нахранети и задоволни.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторката.