На состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата во Брисел во формат министри за одбрана на земјите членки на НАТО, усогласена е заедничка изјава на НАТО министрите за одбрана во врска со ситуацијата во и околу Украина.
„Ние сме сериозно загрижени од многу големото, неиспровоцирано и неоправдано руско воено натрупање во и околу Украина и во Белорусија. Ја повикуваме Русија, најсилно, да го избере патот на дипломатијата и веднаш да ги повлече своите сили од Украина во согласност со нејзините меѓународни обврски. Остануваме посветени на нашиот двоен пристап кон Русија: силно одвраќање и одбрана, во комбинација со отвореност за дијалог.
Акциите на Русија претставуваат сериозна закана за евроатлантската безбедност. Како последица и за да се обезбеди одбрана на сите сојузници, ние распоредуваме дополнителни копнени сили во источниот дел на Алијансата, како и дополнителни поморски и воздушни средства, како што најавија сојузниците, и ја зголемивме подготвеноста на нашите сили. Нашите мерки се и остануваат превентивни, пропорционални и неескалаторни. Подготвени сме дополнително да ја зајакнеме нашата одбранбена и застрашувачка положба за да одговориме на сите непредвидени ситуации.
Нашата посветеност на членот 5 од Вашингтонскиот договор е цврста како железо. Ние стоиме обединети да се браниме еден со друг.
НАТО останува посветен на основните принципи кои ја поткрепуваат европската безбедност, вклучително и дека секоја нација има право да избере свои безбедносни аранжмани. Ја потврдуваме нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. Како што беше наведено претходно, секоја натамошна руска агресија против Украина ќе има огромни последици и ќе има висока цена. НАТО ќе продолжи тесно да се координира со релевантните чинители и други меѓународни организации, вклучително и ЕУ.
НАТО и сојузниците продолжуваат да ја следат дипломатијата и дијалогот со Русија за евроатлантските безбедносни прашања, вклучително и на највисоките нивоа. Ги поддржуваме сите овие напори и напорите во Нормандискиот формат за спроведување на договорите од Минск. Ја изразивме нашата подготвеност да се вклучиме во обновениот европски безбедносен дијалог инициран од Полска како актуелен претседавач со ОБСЕ. Дадовме суштински предлози до Русија за зајакнување на безбедноста на сите нации во евроатлантскиот регион и чекаме одговор. Ние постојано понудивме, и продолжуваме да нудиме, понатамошен дијалог преку Советот НАТО-Русија и сме подготвени да се вклучиме. Силно ја охрабруваме Русија да возврати и да избере дипломатија и деескалација“, се вели во изјавата на НАТО министрите.