На денешната 17-та седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за новиот пакет на рестриктивни мерки на ЕУ во поглед на ситуацијата во Украина со препорака за придружување на Северна Македонија кон сите одлуки на ЕУ за овој вид на рестриктивни мерки, информираат владините служби.
Во врска со оваа точка, Владата го задолжила Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет на рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година до сега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување.
Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата, пишува во соопштението.
Таргетираните мерки се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки, известуваат владините служби.